Викендов се случуваа ноќни забави на кои видливо се кршат протоколите за заштита од ковид-19.
Забава до доцна во ноќта синоќа се случуваше во струмичкиот клуб „Аватар“, каде настапи српскиот пејач Девито. Капацитетите на објектот беа исполнети, а меѓу младите немаше дистанца. Инспекторите на пазарната инспекција влегоа во струмичкиот клуб. Тие досега поднеле две кривични пријави, од кои, за едната има и пресуда од суд и е платена.
Забави во сред пандемија и пораст на бројот на заболени се организираат и во Битола. Со клубски светла и разиграни гости на трубофолк музика, помина вчерашната вечер во угостителскиот објект „Император“. И тука, интервенирал Пазарниот инспекторат, кој затекнал прекршување на протоколите.
Инспекторите ќе поднесат кривична пријава и против овој клуб, а судот ќе треба да одлучи колкава казна ќе треба да плати. Клубот „Мош“ продолжи со забавите, каде две вечери по ред настапуваше пејачот Владо Георгиев, а протоколите не се почитуваа.
Претходно, од Пазарниот инспекторат најавија затворање на објектот поради пречекорување на работното време, но подоцна стана извесно дека локалот ќе биде затворен идната недела оти инспекторката која го работела предметот е во изолација.
Директорот на пазарниот инспекторат рече дека против овој скопски локал кривична пријава била поднесена уште минатата недела, а сега, на два пати, се воочени прекршувања на протоколите.
– Колку и да ги казнуваме операторите, тие ќе ја платат казната. Кога одат инспекторите им велат: Треба да бидете седнати, не станати, на што добиваат одговор: Ти ќе ми кажеш мене, еве го столчето до мене, јас ќе си играм. Тоа е крајно несвесно и некоректно. Операторите ги казнуваме и со по 4 илјади евра, но, некаде и кривичните пријави не помагаат. Јас не знам како им се исплаќа – изјави вчера Пауновски.
Забава со преполн локал имаше и во Центарот на Скопје, во „Гнездо“ на Улица Македонија. Присутните се забавуваа до доцна во ноќта. Инспекторите интервенираа навремено, но казната не ја прекина забавата. Директорот Пауновски истакна дека за овој случај направен е записник за непочитување на протоколите.
Забавите се случуваат во време кога во Македонија два дена по ред се бележат рекордни бројки на новозаразени со ковид-19. Вчера, најмногу новозаразени имаше во Скопје (98) и во Струмица (21).