Десетина македонски општини му пркосат на вирусот
Во време кога пандемијата на ковид-19 вирусот зема поголем замав во државата, а властите ги заоструваат рестриктивните мерки за да се намали преносот на вирусот меѓу населението, десетина македонски општини успешно се справуваат со оваа здравствена закана и досега немаат регистрирано ниту еден заразен со овој вирус. Со самото тоа во овие градови на некој начин полесно се дише, стравот можеби е помал, иако претпазливоста и мерките за превенција се применуваат како и секаде во државата. Но како се одвива таму животот во услови без корона и какви мерки се преземаат, ги прашавме надлежните во овие македонски општини.
Неготино е еден од 10-те града во нашата држава каде што не е регистриран случај на лица заразени со вирусот ковид-19.
– Една од првите мерки што се донесе беше затворање на градскиот пазар во Неготино, детските игралишта, спортските терени и други локации што беа места за собирање на населението. ЈП „Комуналец“ двапати во текот на неделата врши дезинфекција на сите улици во градот и во дел од населените места, на јавните површини и урбаната опрема, а се врши и дотур на дезинфициенси на двата пункта за автоматска дезинфекција на влезот и на излезот во градот – посочуваат од Општина Неготино.
И беровчани се покажаа крајно ефикасни во справувањето со вирусот, преземајќи низа мерки и активности.
– Се врши секојдневно миење на улиците, како во градот така и во населените места, се дезинфицираат станбените објекти, урбаната опрема, детските реквизити и сите јавни површини. За секое семејство во Општина Берово, заедно со сметката за март, се доставени по две заштитни маски. На социјално ранливи категории граѓани, во текот на март и април им се поделени 75 прехранбени пакети – велат од Општина Берово.
Дезинфекција на сите површини, редуцирано работно време, ослободување од работа на лицата со дијагнози од ризичните групи, достава на храна и лекови за старите и изнемоштени лица, како и прекин на сите градежни активности се дел од мерките што ги презеде Општина Демир Хисар, а кои придонесоа оваа локална единица да нема регистриран случај со зараза со коронавирусот.
– Во овој момент во Општина Демир Хисар нема заболени од коронавирусот ковид-19, а граѓаните наедно ги почитуваат мерките пропишани од надлежните институции. За ретките прекршувања, МВР-Демир Хисар презема санкции во согласност со нивните законски надлежности – истакнува Марјанче Стојановски, градоначалник на оваа општина.
И во Кичево сè уште нема заразени од ковид-19, но властите ги преземаат сите неопходни мерки и континуирано ја следат ситуацијата.
– Состојбата во нашиот град е стабилна и нема заразени лица благодарение на соодветната организација и дисциплина на граѓани, кои покажаа почит кон препораките на надлежните органи, како и почитување на полицискиот час – појаснува портпаролот на Општина Кичево Емин Насуфи.
Стабилна состојба без заразени со ковид-19 одржува и Свети Николе, благодарејќи на преземените мерки.
– Има три пункта за дезинфекција на возилата што влегуваат и излегуваат од Свети Николе. Комплетно се врши дезинфекција на улиците во градот и во селата – вели градоначалникот Сашо Велковски.
Општина Делчево по првите најави за ширењето на вирусот го затвори градскиот пазар и започна со дезинфекција на улиците и на сите објекти.
– Во континуитет вршиме дезинфекција на сите јавни објекти, училишта, градинка, колективни објекти за домување, урбана опрема, јавни површини и сл. Исто така, веќе во изработка е и инсталација за дезинфекција на возилата. Очекувам за неколку дена да поставиме две вакви инсталации, кои ќе бидат поставени на двата влеза во Делчево. Целта ни е да превенираме и да си ја задржиме мирната епидемиолошка слика – вели градоначалникот на оваа општина Горан Трајковски.
Тој уште додаде дека во Здравствениот дом во Делчево екипираноста со кадар ги задоволува потребите, а во моментов се уредува простор за отворање пункт за земање брисеви за тестирање за коронавирус. Според информацијата од Центарот за јавно здравје, ПЕ Делчево, на територијата на Делчево, досега за коронавирусот се тестирани шест лица и сите тестови се негативни, а уште пет лица се во самоизолација.
Затворен зелен пазар, дезинфекција на улиците и објектите, како и почитување на владините препораки се дел од мерките што ги преземаат одговорните во Општина Виница, за да се спречи појава на вирусот во оваа општина.
Последните податоци од Институтот за јавно здравје говорат дека покрај овие општини, засега успешно со пандемијата се справуваат и општините Ресен, Македонски Брод, Кратово, Пробиштип, Валандово и Пехчево.
Овие општини покажаа дека со целосно почитување на препораките, но и со навремена акција за затворање и дезинфицирање на местата каде што се собираат поголеми групи граѓани, како и со почитување на мерките за самоизолација, се постигнува ефикасно спречување на ширењето на вирусот, од кој досега во земјава заболеа над 600 луѓе, а 30 починаа.