Постои голема опасност од последиците по кризата ако економијата остане парализирана предолго, кажа евроамбасадорот Самуел Жбогар во интервју за Македонско радио, додавајќи дека пакетот од 66 милиони евра е првична поддршка, додека веќе се разгледуваат повеќе проекти и идеи.
– Ќе се справиме со далеку поголеми последици кога луѓето ќе ја изгубат работата, кога фирмите ќе пропаднат… Затоа мислам дека е многу важно да ги преземеме сите потребни мерки сега и да му помогнеме на медицинскиот персонал да се справи со кризата, бидејќи ако вирусот излезе од контрола, тогаш ќе биде многу тешко за болниците да излезат на крај со пациентите – вели Жбогар.
Тој очекува во Македонија во наредните недели да пристигнат медицинската опрема и материјали од најавената итна помош во вредност од четири милиони евра од ЕУ.