Од болницата утрово соопштија дека одлуката е донесена согласно состанокот одржан со министерот за здравство, Венко Филипче, а со цел да излезат во пресрет на што поголем број граѓани.
– Досега пациентите плаќаа 12.000 евра, а од сега за пациенти кои ќе се лекуваат на полуинтензивна нега, лечењето во траење до 10 дена ќе чини 6.000 евра; за пациентите на кои им е потребно интензивно лекување, односно се преземени во сериозна здравствена состојба од други институции каде што биле претходно хоспитализирани, цената за максимум 10-дневно лекување ќе изнесува 8.000 евра. Една хемофилтрација претходно чинеше 4.000 евра, сега со намалување од 10%, ќе чини 3.600 евра. Оваа метода на лекување се применува по согласност од страна на семејството на пациентот – информираат од Клиниката.
Имајќи ги предвид можните сериозни постковид последици т.е. можните компликации по прележана инфекција од вирусот, за сите пациенти кои се лекувале во нивниот ковид-центар, одобруваат 50 проценти намалување на цената на услугите за МР на срце и КТ на белите дробови.
Во моментов во болницата „Жан Митрев“ се хоспитализирани околу 100 тешко болни пациенти од кои 40 на респираторна поддршка.
– За негата на овие пациенти се грижи комплетниот лекарски тим кој како и сите здравствени работници во државава е веќе преморен. Во процесот на нега во нашата болница се вклучени и дел волонтери од немедицинскиот персонал, со цел да им помогнат на своите колеги. Сепак, за да помогнеме секаде каде што е потребно и можеме, еден од нашите лекари ќе биде прераспределен согласно барањата на Министерот за здравство. Оваа пригода ја користиме за да апелираме до пошироката јавност и да ги повикаме сите оние кои се чувствуваат способни да помогнат и би сакале да волонтираат, да се пријават. Ќе бидат соодветно едуцирани и вклучени во нашите процеси. Искрено се надеваме дека наскоро на пандемијата ќе ѝ дојде крајот, а во меѓувреме потребно е сите да останеме максимално дисциплинирани, посветени и да се вложиме како поединцни во справувањето со последиците за доброто на сите – се наведува во соопштението.
Министерот Венко Филипче вчера истакна дека „Аџибадем Систина“ отстапи петмина лекари и на тој начин ќе го помогне јавното здравство, но нема да ги намали цените за лекување на ковид-пациенти оти тоа немало економска логика, по состанокот со медицинските директори на приватните болници. Министерството за здравство, според Филипче, формално-правно нема никаков механизам за корекција на цените во приватните клиники.