Капацитетите на Градската општа болница „8 Септември“ се ставени во функција за потребите во справување со ширењето на инфекцијата на коронавирусот.
Болницата, која досега беше наменета за пациенти коишто беа сомнителни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга, врз основа на препораките на Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19, во зависност од потребите ќе врши внатрешна прераспределба на материјалните капацитети и персоналот.
Во зависност од потребите, во болницата ќе се врши реорганизација на просторот и кадарот, а преку тријажниот центар се прифаќаат пациентите, информираат здравствените власти.
Третина од капацитетот на болницата во моментов е наменет за карантински оддел со соодветни операциски сали и неопходна опрема за хируршки интервенции на пациенти со симптоми на коронавирус.
– Врз основа на воспоставени протоколи при приемот во болницата „8 Септември“ на лица кои се во животозагрозувачка состојба, тие ќе се третираат како позитивни на ковид-19, по што веднаш им се прави потребната интервенција и соодветно ќе бидат згрижени – се наведува во соопштението.
Пациентите, кои не се во животозагрозувачка состојба, а воедно се третираат како сомнителни на вирусот, ќе бидат изолирани во болницата до добивањето на резултатите на тестот на коронавирусот.
Од „8 Септември“ наведуваат дека будно ја следат актуелната состојба со ширењето на епидемијата и болницата е подготвена да се организира и соодветно да функционира според потребите на пациентите и дадената ситуација.