Петтата жртва на ковид-19 во Кичево е 82 годишен човек од едно кичевско село, додека во истиот период во оваа општина е регистрирано едно излекувано лице и не се евидентирани новозаболени. Инаку, моментно во општина Кичево има 81 активен случај, 14 лица се излекувани, а 5 граѓани се починати.
Поголемиот дел активни случаи се со полесна клиничка слика, додека оние помалубројните со потешка клиничка слика и одредени коморбидитети, се наоѓаат во болниците „8-ми септември“ и КАРИЛ во Скопје и во Битолската болница.
– Денес во нашата општина го бележиме и петтиот смртен случај од ковид-19, во исто време регистриран е еден излекуван пациент и не се регистрирани новозаболени. Вкупниот број на активни случаи изнесува 81 лице, 14 лица се излекувани и 5 лица починати. Над 80 проценти од инфицираните со ковид-19 се лица кои поради полесна клиничка слика се на домашно лекување, додека само 20 проценти од инфицираните се наоѓаат во Битолската болница, болниците „8-ми Септември“ и КАРИЛ во Скопје. Од овие пациенти дел се лица со одредени коморбидитети – рече д-р. Џабир Бајрами, директор на Здравствениот дом Кичево и член на Кризниот штаб.
Тој најави дека наскоро во кругот на кичевската болница ќе бидат поставени два монтажни објекти, каде ќе се згрижат и третираат дел од инфицираните со ковид-19.
– Деновиве во кругот на кичевската болница ќе бидат поставени два монтажни објекти за третман на дел од болните со ковид-19 од нашата општина. На овој начин ќе им помогнеме на нашите сограѓани кои се инфицирани со ковид-19, да бидат згрижени во својот град и под постојан болнички надзор – додаде д-р. Бајрами.