ЕК препорача укинување на граничните контроли во шенген-зоната до 15 јуни, отворање на надворешните граници кон земјите од Југоисточна Европа од 1 јули и постепено отворање на надворешните граници за граѓаните на другите трети земји во зависност од нивната епидемиолошка состојба.
– Комисијата препорачува членките на шенген-зоната и придружните земји да ги укинат внатрешните гранични контроли до 15 јуни 2020 година и да ги прошират привремените ограничувања за патување во ЕУ, кои не се неопходни до 30 јуни, како и да подготват рамка за постепено отворање по тоа – објави Комисијата.
Комисијата исто така препорачува да се укинат ограничувањата за патување во ЕУ за граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија од 1 јули бидејќи нивната епидемиолошка состојба е слична или подобра отколку во ЕУ.
За другите трети земји, Комисијата не препорачува општо укинување на ограничувањата бидејќи здравствената состојба кај некои од нив е критична.
Затоа се предлага да се укинат ограничувањата за избраната група земји, а селекцијата треба да се заснова на објективни принципи и критериуми, вклучително и здравствениот статус, можноста за воведување мерки за борба против инфекција за време на патувањето и реципроцитет.
Притоа ќе бидат земени предвид податоците од релевантни извори, како што се Европскиот центар за контрола и превенција на болести и Светската здравствена организација. Управувањето со границите исклучиво е во надлежност на земјите членки и Европската комисија не може да донесе одлука за тоа, туку само го препорачува.
За граѓаните на државите за кои остануваат ограничувањата, Комисијата препорачува да се прошират категориите на патниците што може да влезат во ЕУ, на пример, на студентите.
– По укинувањето на контролата на внатрешните граници, предлагаме јасен и флексибилен пристап кон укинување на ограничувањата за патување во ЕУ од 1 јули. Меѓународното патување е клучно за туризмот и бизнисот, за поврзување на семејството и пријателите – рече комесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.