Без разлика на резултатите добиени по испитувањето на висината на антителата, тоа не значи дека сте целосно имуни, односно дека не постои шанса повторно да се заразите, вели  д-р Мехмедовиќ

Дали бројот на антитела во организмот, кој се утврдува со тестови, може да укаже дека сме потполно заштитени од делта-сојот на коронавирусот? Александар Гинзбург, директор на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ за руските медиуми изјави дека откриле оти се потребни 300 меѓународни единици на антитела во крвта за целосна заштита од делта-сојот на коронавирусот, врз основа на истражување во кое учествувале четири илјади московјани. За тоа дали може и треба граѓаните да се „потпираат“ на бројот на антитела што го имаат разговаравме со наши експерти.

Проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог, вели дека има еден труд во „Нејчр медисин“ којшто го интерпретирал Дејан Трајковски, професор по механика на битолскиот универзитет.

– Според хего, ако антителата се на ниво на почетниот титар кај конвалесцентните (прележаните), тогаш заштитата од заразување е околу 100 отсто. Во нашите лаборатории отприлика тоа ниво е просечно 500 АУ/мл (арбитрарни единици на милилитар). Понатаму, 20,3 отсто од тој почетен титар, проценето е, штитат околу 50 отсто од заразување. 20,3 отсто од 500 АУ/мл e 101,5 – објаснува Даниловски.

Не постои некоја магична граница која е доволна за обрана од коронавирусот, смета д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог.
– Делта-сојот се разликува во својата генетска структура, тој е мутација на претходните две варијанти и поради тоа го избегнува природностекнатиот имунитет. Тој носи дополнителен вирусен полнеж, односно има поголема репликација и поголема количина на вирусот, што дополнително ја комплицира состојбата кај заразените – објаснува Мехмедовиќ.

Д-р Злате Мехмедовиќ

Разните студии поврзани со антителата можат да предизвикаат дополнителна забуна, па затоа се препорачува граѓаните да не го испитуваат бројот на антитела на своја рака.
– Докажувањето на бројот на антитела како релевантен фактор во спречување на инфекција е нешто ново. Ставот и досега беше дека бројот на антитела не треба да ја утврдува заштитата од вирусот. Дури и оние кои ја прележале болеста и сметаат дека имаат стекнат добар имунитет треба да се внимателни и да се вакцинираат, за да го засилат својот имунитет – посочува Мехмедовиќ.

Тој смета дека знаењето за висината на бројот на антитела не е корисно кога станува збор за заштитата на своја рака. Тој нагласува дека и оние што го прележале вирусот не треба да се потпираат на природностекнатиот имунитет, односно да го користат како причина за опуштање и невнимавање на своето здравје.

– Без разлика на резултатите добиени по испитувањето на висината на антителата, тоа не значи дека сте целосно имуни, односно дека не постои шанса повторно да се заразите. Доколку е свежо прележана болеста, имунитетот може да не биде уште формиран. Границата на доволен број антитела може да не е достигната, така што, тестирањето на антитела нема да ви даде дефинитивен одговор и заштита. Тоа што можете да го сторите, без разлика дали ја имате прележано болеста, е преку вакцинирањето да се стекнете со „библиотека на податоци“, со разновидни антитела кои ќе одговорат што поефикасно на сите варијанти на вирусот – вели Мехмедовиќ.

Според многубројните испитувања и студии, досега е утврдено дека процесот на вакцинација по прележување на болеста е безбеден, а преку имунизацијата се добива значително поквалитетен и подолготраен имунитет. Но, со појавата на нови мутации на ковид-19, разбирлива е загриженоста и за тоа колку е ефикасна заштитата од коронавирусот и за вакцинираните. Мехмедовиќ тука ги истакнува бустер-дозите на вакцините кои служат за намалување на компликациите од болеста, како и тоа дека бројот на случаи на реинфекција е помал во споредба со бројот на првична инфекција кај граѓаните.

– Во нашата земја досега немаше централизирана кампања со цел да се едуцираат луѓето за ефикасноста и придобивките од вакцините, кои беа стигматизирани на социјалните мрежи, прикажани како небезбедни и неефикасни, што сметам дека е навистина поразително и жално. Досега во светот се аплицирани 7,3 милијарди дози и не постои ниту едно друго медицинско средство или помагало кое е аплицирано во толку голем број за толку краток временски период – заклучува Мехмедовиќ, кој се надева дека нема да се појави нова ковид-варијанта што ќе биде имуна на вакцините и имунитетите стекнати по експозиција на вирусот, за да не мораме целиот процес на борба да го почнуваме од почеток.

В.Т./Р.З.