Интервју со д-р Љубен Арсенков, директор на клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје
Со над 300 прегледи дневно и над 900 операции во периодот на пандемијата со коронавирусот, клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, позната како поранешна Градска болница, во овој период е главен центар за хируршки зафати на итни случаи. Таа го презеде најголемиот товар за лекување на пациентите што не се поврзани со ковид-19. Иако во овој период доминирале итни и онколошки случаи, во согласност со насоките од ресорното министерство, д-р Љубен Арсенков, директор на клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, најавува дека постепено ги приспособуваат можностите за оперативни интервенции и кај хроничните случаи.
Колку успеавте изминатите месеци да одговорите на сите итни случаи?
– Веќе подолго време болницата се наоѓа во своевидна фаза на реконструкција, но поради епидемијата бевме принудени делумно да ја насочиме кон обезбедување соби за изолација и капацитети за пациентите што се суспектни за инфекција со ковид. Најголемиот дел од успехот при одговарањето на зголемената инциденца на итни случаи е благодарение сите вработени во клиниката. Нивната професионалност и доследност придонесоа во изминатиот период успешно да бидат згрижени сите итни пациенти за кои во нашата установа постои специјалност. Доколку имаше потреба од специјалист од друга област, наидувавме на извонредна соработка со клиниките од клиничкиот центар „Мајка Тереза“. За овој период е карактеристична досега можеби незабележана соработка меѓу институциите.
Каква е состојбата со листите на чекање за операции за пациентите со хронични заболувања? Што е итен случај, може ли пациентите што чекаат на листата за операции да станат итни?
– Изненаден сум од еден вид дисциплинираност кај граѓаните и веројатно перцепцијата дека здравствениот систем се соочува со сериозен предизвик и приоритети што го оправдуваат одложувањето на претходно закажаните хронични операции. Тоа секако не значи дека кај овие пациенти операциите ќе бидат одложувани во недоглед. Една од задачите на секој лекар што прегледува пациенти е да ги процени итноста и неопходноста од третманот, кој во нашиот случај, најчесто е хируршки. Во нашата установа се достапни специјалистичките амбуланти и се трудиме секогаш да им излеземе во пресрет на пациентите со хронични заболувања.
Може ли да се направи протокол по кој нормално ќе се одвиваат операциите, но и ќе се почитуваат препораките за заштита од ковид-19?
– Се креираат нови листи, кај кои не само природата на заболувањето туку и други критериуми, како возраста, придружните заболувања го одредуваат најадекватниот момент за повикување на овие пациенти. Уште на почетокот се формираше координативно тело што ги адаптира препораките и алгоритмите од Комисијата за заразни болести, за да се заштитат и пациентите и здравствените работници. Денес воспоставивме протокол според кој и итните и хроничните пациенти се примаат во посебно одвоени, соби за изолација, каде што им се зема брис и со воспоставената извонредна соработка со Институтот за јавно здравје во рок од 12 до 24 часа добиваме резултати од ПЦР-тестот.
Како го оценувате справување со коронавирусот на здравствените институции? Колку овој период беше тест за здравствениот систем во земјава и за неговиот капацитет да се соочува со вакви ситуации?
– Здравствениот систем го положи успешно тестот, но тој сѐ уште трае. Сметам дека искуството изминатиот период, сознанијата за карактерот на вирусот, симптомите и нивно рано препознавање, искуствата во светски рамки, многу ќе помогнат за уште поподготвен пристап кон најавуваниот есенски бран на епидемијата. И многу побогати земји со навидум поподготвени болници, не секогаш имаат успех во справувањето со ова заболување. Битката овој пат, впрочем, не се води само од страна на здравствените работници, туку во голем процент зависи и од почитувањето на мерките во домашни услови или на работното место. Ниеден лекар не може да излекува онолку пациенти, колку што секој од нас може да заштити со правилно и постојано носење маска секаде каде што е потребно. Доколку ја носиме маската на вратот, на раката или во џебот, си наштетуваме самите себеси и на најблиските околу нас.
Сите институции во здравствениот систем успешно се справуваат со оваа болест и тестот пред кој бевме сите исправени успешно го решаваме. До максимум се извлече потенцијалот од сите здравствени работници и со добра и прецизна координација од надлежните, сепак постигнуваат добри резултати. Граѓаните навистина го сфатија значењето на здравјето и местото и улогата на здравствените работници. Со тоа, можеме да се надеваме дека трендот на одлив на кадри ќе се спречи, а уште поубаво би било целосно да се сврти во обратна насока, па оние што отидоа да се вратат да работат во нашата држава.