Битката со пандемијата во Македонија не стивнува ниту за време на одбележувањето на националните празници. Слична констатација вчера во јавноста изнесе министерот за здравство Венко Филипче, кој на Фејсбук напиша дека досега се обезбедени 61 единица конвалесцентна плазма за третман на пациенти со ковид-19.
– Крвна плазма може да дарува лице што има оздравено од коронавирус. Ајде да бидеме хумани и да им помогнеме на пациентите што сѐ уште се борат со овој непредвидлив вирус. Да ја покажеме нашата грижа, да даруваме и да спасиме човечки живот. Апелирам на солидарност, затоа што нема ништо поважно од нашето здравје и здравјето на нашите најблиски! – напиша Филипче.
Министерот во контекст на празниците и периодот кога се активни годишните одмори претходно напомена дека лежалката на плажа лесно се заменува со болнички кревет.
– Да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19, да го зачуваме нашето здравје, но и здравјето на нашите родители, баби и дедовци, затоа што нема ништо поважно од грижата за нашите најблиски – објави на својот фејсбук-профил министерот за здравство.
Во меѓувреме, бројот на оздравени пациенти значително порасна во изминативе неколку дена, иако пандемијата на ковид-19 во земјава не се смирува и сè уште е висок бројот на новозаболени лица што секојдневно го регистрираат здравствените власти.
Mинистерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 689 тестирања, а регистрирани се 74 нови случаи на ковид-19.
Најмногу новозаразени има во Гостивар – 22, потоа Скопје – 14, Штип – 13, Куманово – 8, Виница – 4, Кавадарци, Берово и Свети Николе по 3 случаи, Кичево – 2, а Кочани и Струга имаат по 1 новозаразен пациент.
Дополнително, Институтот за јавно здравје регистрирал 90 оздравени пациенти и тројца починати.
За потсетување, вкупната бројка на дијагностицирани со ковид-19 во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 11.128, бројката на оздравени пациенти е 6.972, на починати е 500, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.656.
Од друга страна, вчера во јавноста со соопштение се огласи и скопската специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“.
Оттаму информираа дека ковид-19 е најризичен за постарите лица, почитувањето на мерките за заштита од сите е клучно за нивна заштита.
– Во моментот во установата има полн болнички стационар од вкупно 300 легла, а исполнети се вкупно 269 болнички кревети. Се спроведуваат строги протоколи и засилени заштитни мерки за безбедност, како на корисниците на услуги така и на болничкиот персонал. По краткиот прекин, веќе од 1 јуни установата започна повторно со прием на пациенти со посебна процедура, која опфаќа тријажа на корисниците на услуги за да се заштитат преостанатите штитеници од влез на вирус однадвор. Од почетокот на пандемијата на ковид-19, вкупно регистрирани заболени во установата биле пет вработени и четворица корисници на услуги, а доследното почитување на мерките спречи ширење на вирусот во рамките на установата – велат од болницата.
МВР казни 359 граѓани што не носеле маска
Полицијата регистрира 359 прекршоци по однос на мерката за носење маска на лицето за заштита од пренесување на коронавирусот во текот на последното деноноќие на територијата на целата земја. Од Министерството за внатрешни работи вчера апелираа до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата за справување со ковид-19.