За да привлечат што повеќе туристи, земјите од соседството најавуваат отворање на границите и полесни процедури за летување на море без медицински прегледи. Сепак, кај дел од нашите граѓани постои страв летниот одмор да го поминат надвор од земјата, за што сведочат големиот број објави на социјалните мрежи. Во меѓувреме и Владата презема мерки за помош на домашниот туризам.
Mинистерот за економија, Крешник Бектеши, на состанок со претставници на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) најави дека во сетот мерки во третиот економски пакет на Владата за справување со пандемијата се предвидени над 16 милиони евра помош за домашниот туризам, односно на над 100 илјади граѓани ќе им се доделат ваучери за домашен туризам, за да ги искористат во категоризираните хотели, но и во приватни капацитети.
Туристичките работници велат дека оваа година поради редица директни и индиректни причини граѓаните од земјава би требало летниот одмор да го минат во домашните туристички локации.
Економскиот аналитичар Ванчо Муратовски, кој е поранешен синдикален лидер во земјата, верува дека во овие моменти кога во општеството владее ваква состојба гаѓаните не треба да се одлучуваат за одмор во странство туку летото треба да го поминат во државата.
– Оваа моја констатација ја темелам врз две причини. Првата е од безбедносна логика, која вели дека иако се отвораат границите и процедурите за заминување на летување во соседството, сепак нашите граѓани не би требало да заминуваат на патувања бидејќи со тоа се остава ризик да ни се зголеми бројот на заболени и дополнително да се прошири пандемијата на коронавирусот, односно да си ја увеземе болеста од другите земји во Македонија.
Втората причина е дека домашните туристички капацитети иако не можат да ги заменат реално светските монденски места тие, сепак, нудат одлична можност за поминување летен одмор покрај езерските брегови и планинските одморалишта. На овој начин со летување во домашни капацитети самите им помагаме на својата држава и на економијата и нема да придонесеме нашите финансии да се одлеат надвор од Македонија – објаснува Муратовски.
Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид вели дека во вакви услови проблематично е секакво движење, и кога нема друга можност за летување домашниот туризам треба да биде во прв план на граѓаните.
– Традиционално Охрид и Струга се водечки дестинации во Македонија во поглед на домашниот туризам. Се разбира и Дојран е тука. Има и други можности, но во наредниот период треба да се пристапи стратегиски и да се утврдат сите приоритети што стојат на располагање.
Има и алтернативи како планинскиот, бањскиот туризам така што има доста можности за да се подигне прометот во тој дел од домашниот туризам. Ако ние добиеме повеќе домашни туристи, тоа ќе значи дека цените ќе бидат пониски – вели професорот Мариноски.