Метеж во сообраќајот, долги редици пред банките, маркетите и аптеките, оваа е сликата во Куманово веќе втор ден, по полицискиот час викендов.
Откако во градот беше воведена забрана за движење од 16 часот во работните денови, граѓаните во претпалдневните часови, масовно излегуваат и пазарат.
На сликите може да се забележи дека најголемиот дел се повозрасни лица кои дури се туркаат еден до друг и не го држат пропишаното растојание, како превентивна мерка за заштита од коронавирусот.
Пред некои од експозитурите на банките од утрово во ред се чекало и до два часа, раскажуваат кумановци. Пред банките, има и полициски службеници кои ги опоменуваат граѓаните да го запазат редот и растојанието.
Во изминатите два дена, се повторува сликата во градот како онаа пред воведувањето на мерката за целосна забрана за движење во текот на викендот: панично се купува во маркетите и аптеките, а во маалските продавници до пладне снемува леб и млеко.
Трговците во некои од малите продавници, дури одвреме навреме ги заклучуваат вратите во неможност да се справат со масата луѓе кои упорно сакаат да влезат и да купуваат.
Забрана за движење каква што од викендов важеше за Куманово, од утре ќе се применува на целата територија на државата.
Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, донесе одлука од среда 8 април да се забрани движењето за сите граѓани, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 5 часот наредниот ден.
За време на викендите целосно се забранува движењето за сите граѓани, односно забраната ќе почнува од петок во 16 часот и ќе трае до 5 часот во понеделник.