ОЛАБАВУВАЊЕТО НА МЕРКИТЕ ЕТАПНО И ВНИМАТЕЛНО
Како што се намалува притисокот од ширење на коронавирусот во земјава така се очекува и намалување на рестриктивните мерки и укинување на полицискиот час. Сите држави во регионот најавија такви чекори, а оваа недела се очекува да биде клучна и за Македонија. Вицепремиерот и шеф на кризниот штаб, Бујар Османи, веќе предложи идеја за комбинирани мерки со кои треба да се укине полицискиот час во земјава и со тоа да се врати бизнисот во нормално функционирање.
Сепак, клучно според епидемиолозите е начинот на кој луѓето во иднина ќе се однесуваат барем до добивањето на вакцината.
Менталитетот на луѓето во Македонија, но и на Балканот не е на ниво на менталитетот на скандинавските и на други европски држави, во кои физичката дистанца е секојдневие во тамошното функционирање, туку напротив, балканскиот менталитет подразбира многу контакти, блиски средби, социјални дружби, прегрнување, што може да биде потенцијален ризик за ширење на вирусот, ако луѓето не успеат во следните месеци да се воздржуваат од таков начин на функционирање. Од друга страна, реалноста покажува дека полицискиот час и строгите мерки на карантин на долг рок се невозможни како инструмент за заштита и затоа треба да се работи на јакнење на свеста кај луѓето дека физичката дистанца и носењето заштитна опрема ќе треба да станат секојдневие и навика во следните месеци. Дали народот ќе се придржува кон тоа или ќе се врати по старо? Може ли стравот од коронавирусот да ја промени свеста кај луѓето?
Ова се дилемите пред кои се исправени и здравствените власти во носењето на одлуката за укинување на полицискиот час и на рестриктивните мерки.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека рестриктивните мерки го имаат направено своето насекаде во светот, па затоа и пандемијата почна да стивнува. – Но тоа воопшто не значи дека вирусот исчезнал. Тој само е потиснат. Првата рунда од еден меч (кој не знаеме колку рунди ќе трае) е добиена. Бидејќи не е достигнат ни оддалеку заштитниот праг на колективниот имунитет од 60 отсто, по олабавувањето на мерките, лесно може да се случи да ни се врати проблемот – посочува Даниловски.
Според него, олабавувањето на мерките мора да се спроведува етапно и многу претпазливо.
– И со една мерка, која треба да остане уште долго време, како носење маски – нагласува епидемиологот.
Социологот Илија Ацески вели дека овој период од два месеца направил револуционерна коренита промена на нашиот менталитет за физичка дистанца, со оглед тоа дека сме научени на поздравување со рака, прегрнување.
– Досега не се случило, барем не во поновата историја да бидеме во ваква ситуација со полициски час, физичка дистанца. Медиумите со секојдневното известување оставија длабока трага во нашите животи, што ќе придонесе еден долг период да бидеме на физичка дистанца – посочува Ацески.
Според последните препораки за заштита на населението, од 1 мај годинава се казнува непочитување на уредбата за носење заштитна опрема, која предвидува задолжително носење заштитна опрема (маска, марама или шал) на устата и носот, во сите јавни објекти како државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, јавен превоз, чекалници, здравствени институции и слично.