Откако Австрија потврди дека ЕУ планира да дистрибуира 651.000 дози вакцини на „Фајзер“ и „Бионтек“ против коронавирус во шест земји од Западен Балкан, од кои 119.000 дози се наменети за Македонија, стигна порака со благодарност од вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров.
– Им благодариме на пријателска Австрија, останатите земји членки и Европската комисија за солидарноста. Оваа помош за македонските граѓани немаше да биде возможна без несебичното залагање на австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг и еврокомесарот Оливер Вархеји, на кои би сакал и лично да им се заблагодарам, особено имајќи го предвид предизвикот за обезбедување на вакцини, како во ЕУ земјите членки, така и глобално – нагласи Димитров.
Од Секретаријатот за европски прашања посочуваат дека оваа конкретна набавка ќе биде испорачана во четири месечни наврати, почнувајќи од првата недела во мај, кога се очекуваат околу 19.000 дози.
Европската комисија во јануари претстави план за механизам за поделба на вакцини, а Австрија потврди дека таа ќе биде координатор на помошта за Западен Балкан и дека оваа дистрибуција може да ја следат и други.