Коронавирусот ги намали резервите во складовите и магацините
Со пандемијата на коронавирусот се почувствува дека вирусот и болеста може силно да влијаат на различни сфери во општеството, не само во здравствениот сектор. За финансиите и економскиот сектор допрва ќе се почувствуваат последиците. Но постојат и други сектори и гранки на стопанството, како што е во индустријата, трговијата итн. каде што сѐ посилно се чувствуваат прекините на синџирите за снабдување, а со тоа и резервите на потребните нешта за нормално одвивање на животот на луѓето.
Така, сѐ повеќе информации пристигнуваат од областа на градежништвото. Во јавноста се навестуваат информации дека во складовите на фирмите што тргуваат со градежни материјали пополека се намалуваат резервите на оние производи што се увезуваат од соседството.
Никола Велковски, градежник и поранешен претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во Стопанската комора на Македонија, во своја оцена на случувањата вели дека во моментов во Македонија има своевидна најава за реален проблем во делот за пристапување до градежните материјали наменети за работа на градежните компании, односно се најавува пречка во работата на сервисирањето на фирмите што ги продаваат овие продукти од нивните складови.
Според Велковски, иако сѐ уште на пазарот по склaдовите може да се најдат овие материјали по истата цена како и пред пандемијата, тие во моментов со сигурност се намалени во резервите во магацините.
Тој објаснува дека оваа состојба се должи на увезените продукти од овој тип од фабриките во соседството, од кои е зависна во одреден дел нашата градежна индустрија.
Велковски, сепак, додава дека тој лично не очекува драстично да се влошат состојбите на пазарот, бидејќи се најавуваат промени на режимите со кои ќе работат граничните премини меѓу државите.
– Она што во овој момент сѐ уште ми е непознато е како идните процедури за работа на граничните премини, но и оние за работа во фабриките за производство на овие материјали во соседството ќе се одразат на фактичката состојба за доставување на продуктите на пазарот. Но судејќи од искуството во градежниот сектор, верувам дека е возможно цените во иднина да се променат во нагорна линија односно за одредена вредност да поскапат – подвлекува Велковски.
Од компанијата „Ројал инвест“, која има свои складишта со градежни материјали во земјава и која работи во оваа дејност, објаснуваат дека во зависност од која држава потекнуваат градежните материјали состојбата во складиштата е различна.
Оттаму додаваат дека кај нив сѐ уште има доволно производи да се задоволат купувачите, но додаваат дека, на пример, критично се намалуваат резервите на производи што се увезуваат од соседна Грција. Од друга страна, пак, состојбата е нормална со оние производи што се увезуваат од Србија и нив ги има во доволно количество, дури состојбата со снабдувањето и со складираните резерви е слична како во времето пред пандемијата на коронавирусот.
Вработени од оваа фирма подетално објаснуваат дека со Грција најголемиот проблем за градежните материјали е во делот со транспортот, кој е поврзан со затворените граници, но и со задолжениот карантин на возачите на камионите, кои најчесто не се нафаќаат на тој чекор во работењето.
Во секој случај, добра вест за граѓаните е дека засега не е забележана варијација на цените кон повисоко, со оглед на најавата за недостиг од градежни материјали.
Ценовници на градежните материјали што ги имаат складови не се променети од времето пред пандемијата и сега кога на пазарот владеат поинакви услови за тргување.
Во тој правец, според нашите сознанија и анализи за движењето на цените, може да се забележи блага флуктуација на цените во зависност од квалитетот и производителот. Така, ќерамидите по парче во зависност од формата и составот се движат меѓу 29 и 36 денари.
Бетонското железо и мрежа што се употребуваат во градежниот процес во зависност од профилот, но и димензиите се движат од 65 до 100 денари по килограм. Вреќа цемент со тежина од 25 килограми, во зависност од тоа дали е од домашно или од странско потекло и во зависност од квалитетот, варира и се движи меѓу 160 денари и 300 денари.
Цената на градежните блокови од глина, бетон или од друг состав во зависност од формата, димензиите, намената, но и содржината варира и се движи од 20 до 150 денари.
Предлози за секторски специфични мерки
Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека е неоспорен фактот дека епидемијата предизвикала голема економска штета.
– Градежните компании почнаа да забележуваат зголемување на цените на одредени градежни производи, а тоа е нормално со оглед на бариерите создадени од ситуацијата. Но проблемот се продлабочува затоа што побарувачката од купувачите значително е намалена, банките не ги поддржуваат овие проекти многу во овој период на неизвесност, додека доставувачите се соочуваат со непродажба на производи и наидоа на разни проблеми во снабдувањето со нив – велат оттаму.
Од Комората додаваат дека тие сметаат дека Владата треба да создава секторски специфични мерки, во овој случај мерки за градежништво, во кои ќе се предвидуваат средства и модалитети за ублажување на негативниот ефект и кризата во која овој сектор се наоѓа како последица од епидемијата.