Почитувани судии и јавни обвинители, адвокати, вработени и други претставници на правосудниот сектор, во овие исклучително тешки времиња за граѓаните, дозволете најпрвин да ви посакам на сите добро здравје и надеж за брзо нормализирање и справување со оваа состојба.Воедно, би сакала да ви го честитам и Денот на македонското правосудство и да посакам успешна имплементација на реформите во правосудството, се вели во писмото кое министерката за правда, Рената Дескоска, го испрати до правосудниот сектор.
Таа ги информира дека со утврдувањето на постоење на вонредна состојба во земјава, се јавила потреба од донесување на Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба и постапувањата на судовите и јавните обвинителства.
– Оваа уредба се донесе за заштита на здравјето на сите учесници во постапките пред судовите и обвинителствата, без да биде нарушено правилното спроведување на правдата. Во неа е уредено не само прашањето за запирање на течењето на роковите, туку и се овозможува одржување на расправии и сите дејствија на постапките преку интернет со употреба на електронски средства.
Законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа Уредба се до престанување на вонредната состојба.Роковите за застарување за кривично гонење, поведување и водење на прекршочна постапка, за извршување на кривичните и прекршочните санкции престануваат да течат течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба. Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па се до завршување на вонредната состојба – вели Дескоска.
Исто така, се наведува дека издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.На судиите–поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа Уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет.Доколку некој суд или негово одделение, заради преземени мерки за спречување на ширење на вирусот ковид-19 (изолација на судии и сл.), не може да постапува по итни предмети, се предвидува дека Судскиот совет ќе определи да постапува друг стварно надлежен суд од ист степен.
Судскиот совет може да донесе одлука и да пропише начин за одржување на расправи и преземање на сите други дејствија на постапката со користење на електронски технички средства кои обезбедуваат двонасочна комуникација без заедничко физичко присуство на учесниците во постапката.
– На крајот, апелираме сите судови и јавни обвинителства да се придржуваат на одлуките на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот ковид-19 и на Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот ковид-19, како и на препораките на Министерството за здравство.На сите ви посакувам пред сè добро здравје. Заедно и солидарно да ги надминеме опасностите од епидемијата и така со заеднички сили да ги почнеме преговорите со ЕУ. Од сега натаму, од сите нас зависи – се додава во писмото на Дескоска.