Во Прилеп денеска продолжија активностите за заштита на здравјето на граѓаните од вирусот ковид-19. Согласно донесените одлуки на последниот состанок на Општинскиот кризен штаб, со возила на Територијалната противпожарна единица, од раните утрински часови се дезинфицираа главните и најпрометните улици во населбите на градот, а со цел поголема безбедност на граѓаните кои деновиве ги посетуваат здравствените установи, дезинфицирани беа и влезовите на Општата болница „Борка Талески“, Центарот за јавно здравје, Здравствениот дом и Службата за итна медицинска помош.

Покрај теренската, стручни екипи ќе извршат темелна дезинфекција на работните простории во училиштата и градинките во градот и населените места.

– Ситуацијата со ширењето на коронавирусот во општината добива сериозни размери, а од тие причини апелираме на доследно и строго почитување на пропишаните мерки за заштита – истакнува градоначалникот Илија Јованоски.

Се апелира граѓаните да не се групираат, да престане организирањето на забави во викендиците во близина градот, одржувањето на физичка дистанца да е присутно во секојдневните контакти, како и редовното носење на заштитни маски, како и често дезинфицирање на рацете и работните површини.

Ка.М.