Фото: Игор Бансколиев

Колективниот имунитет во општеството може побезболно да се добие преку вештачка форма, односно со вакцинација на населението, додека следниот начин е да се дозволи што поголем број граѓани да го прележат вирусот

РАЗЛИЧНИ КОНЦЕПТИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ

Повеќе епидемиолози изминатиот период посочуваат дека еден од начините за битка со пандемијата на коронавирусот може да биде и преку стекнување колективен имунитет на населението. Што, всушност, значи тоа и дали не е во спротивност со досегашните остри мерки што државите ги преземаат, како самоизолација, полициски час и ограничување на движењето?
Во некои држави, како Шведска на пример, на граѓаните им се дозволени слободно движење и интеракција, а општеството не е ставено во изолација.

Во меѓувреме, голем број истражувања на оваа тема посочуваат дека спроведувањето колективен имунитет, притоа не користејќи мерки на претпазливост, не е докрај потврден метод.
Хрватскиот весник „Вечерњи лист“ на темава пишува дека пред државите се две лоши опции.
Весникот вели дека доколку и државата го намали бројот на заразени на само десетина лица, животот во земјата не би можел да продолжи нормално бидејќи и натаму ќе владее несигурност од повторно ширење на пандемијата.

Втората опција е да се дозволи одреден број граѓани да го прележат вирусот, притоа да се контролира да нема голем број смртни последици и на таков начин да се преброди кризата, како што тоа, впрочем, и го практикуваат одредени западни земји.
Сепак, весникот подвлекува дека вториот пристап за решавање на проблемот е опасен, бидејќи во овој момент никој не може да предвиди дали вирусот ќе мутира или не.

Во контекст на актуелните случувања, и министерот за здравство Венко Филипче неодамна информира дека коронавирусот, најверојатно, ќе заврши со некоја форма на колективен имунитет, во моментот се собираат повеќе податоци, се работи на вакцина, а дотогаш ќе биде присутен.
– Ќе се јавуваат бранови на пациенти, но битно е растот на нови случаи да биде контролиран, за да може здравствениот систем соодветно да ги згрижи сите пациенти – објави на ФБ министерот за здравство Венко Филипче.

Во меѓувреме, експертите со кои се консултиравме оценуваат дека нашата држава во моментов со спроведување на изолацијата го заштитува населението од смртност од коронавирусот, а колективниот имунитет на нашето општество може побезболно да се добие преку вештачка форма, односно со вакцинација на населението.
Професорот микробиолог Никола Пановски смета дека мерките што ги презема нашата држава во моментот го одложуваат колективниот имунитет како механизам за трајна борба со вирусот ковид-19.

Според професорот, нашата земја спроведува изолација на граѓаните за тие да не дојдат до контакт со заболени, а со тоа да се намали и смртноста од оваа болест и да не дојде до преоптоварување на капацитетите на нашиот медицински систем, но има држави во светот, кои во истиов период спроведуваат сосема поразлична стратегија од нашата земја.
– Пример, Шведска и донекаде Британија отворено спроведуваат политики нивните граѓани да создадат колективен имунитет. Морам да додадам дека оваа мерка може да се спроведува во оние земји чии граѓани очигледно имаат поголема свест од нашите, кои ги почитуваат одлуките на тамошните власти. Дополнително, колективен имунитет во светот, најверојатно, наскоро ќе добијат и Италија и Шпанија, но од сосема други причини за разлика од Шведска и Британија, и кај нив оваа состојба ќе биде, за жал, поради преголемата бројка на заболени граѓани во овие две држави. Дополнително, има и земји како Белорусија, која па дополнително не го менува начинот на живот игнорирајќи го проблемот со вирусот, а животот се одвива таму нормално – вели професорот.

Според д-р Пановски, чија стратегија била исправна за борба со ова заболување ќе се знае овој период нареднава година, кога работите ќе бидат многу појасни.
Професорот напоменува дека нашите граѓани треба да знаат дека битката со вирусот ќе биде долга за земјата, а овој начин на функционирање на државата уште долго тешко дека ќе може да се задржи.

Според микробиологот, постои и таканаречена втора форма или вештачка форма на колективен имунитет на болести, а таа се формира преку вакцинација.
– Дури и кога ќе стигне вакцината во Македонија, ќе биде потребен период од два до три месеци да се извакцинира целото наше население – објаснува докторот.
Кога ќе ја добиеме вакцината, земјата ќе треба да смисли поефективен начин како да вакцинира 2 милиони граѓани за краток временски период.

Од друга страна, професорот епидемиолог доктор Драган Даниловски пишува дека колективен имунитет е форма на индиректна заштита од заразна болест, која се јавува кога голем процент од популацијата станала имуна на инфекција, без разлика дали е направена преку претходни инфекции или вакцинација, со што се обезбедува мерка на заштита за лица што не се имуни.
Според професорот, обично, луѓето стануваат имуни преку вакцинирање.
– Но сè уште нема вакцина за коронавирусот, така што колективниот имунитет може да се постигне, во моментов, само ако доволно луѓе заболат и закрепнат, при што ќе развијат имунитет – пишува тој.

Според епидемиологот, целта е да спасиме животи, да ги заштитиме најранливите популациски групи и да го олесниме притисокот врз нашиот здравствен систем, а не е целта достигнување на заштитно ниво на колективен имунитет во краток временски период.
– Колективниот имунитет е научен концепт, не е цел или стратегија. Тој е „природен нуспроизвод на една епидемија“ – истакнува доктор Даниловски.

[email protected]