Од 20 лица тестирани во Центарот за јавно здравје четири се позитивни, додека 16 се негативни, информираше на попладневната прес-конференција Драгица Николовска, директорка на Центарот за јавно здравје во Прилеп.
– Новозаболените четири лица во Прилеп се дете на девегодишна возраст, две жени на 35-годишна возраст и едно машко лице на возраст од 36 години. Две лица од новозаболените, детето и неговата мајка се во сродство со заболениот брачен пар. Во моментот се работи да се најде изворот на заразата и дали има поврзаност на случаите. Сите новозаболени се во добра општа здравствена состојба. Досега имаме шест позитивни случаи во Прилеп. Синот на заболениот брачен пар е негативен – рече Николовска.
Таа посочи дека сите се во самоизолација, при тоа потенцирајќи дека денеска биле тестирани седум лица.
Според неа матичните лекари можат преку Мој термин да закажат за тестирање во Центарот за јавно здравје.
– Досега беа дозволени само седум бриса во едно деноноќиње. Како се менува состојбата бројот на дозволените брисови се зголемува преку Мој термин. Работиме од понеделник до петок, а најново е дека и утре ќе тестираме. Дополнително и инфектолозите ќе можат да креирааат упати за земањето брисови – посочи Николовска, додавајќи дека се анкетираат лица кои биле во примарен контакт.
И во прилепската болница се преземени сите мерки за превенција и заштита на медицинскиот кадар.
– Инфективното одделение, согласно препораките е подготвено да прифати пациенти со средна клиничка слика. Се прифаќаат само итни случаи. Бројот на пациенти е драстично намален – вели Драги Богојески, директор на прилепската болница.
Инаку, градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски упати апел да се почитуваат превентивните мерки, при тоа потенцирајќи дека од утре на влезовите од градот ќе има и водени корита, бидејќи дезинфекцијата рачно одела споро. Од утре ќе се вршела и дезинфекција на периферијата од градот.
Ка.М.