Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат против ковид-19, ќе можат преку интернет да се пријават за да добијат вакцина, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој додаде дека 4.000 здравствени работници се пријавиле, од кои 2.000 во Скопје, а останатите од другите градови.
– Сајтот се очекува да биде во функција утре и тоа ќе значи дека секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни – вели Филипче.
Тој денеска беше во посета на поликлиника „Бит пазар“, каде разговарале за тоа како ќе бидат распределени седумте вакцинални пунктови во Скопје.
Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број на граѓани.