Фото: Игор Бансколиев

Анализата на Националната алијанса за локален економски развој донесе изненадувачки податоци. Од сите земји во регионот, Македонија издвојува најмала поддршка за спас на економијата и на стопанството од последиците од корона-кризата. Кои се причините и зошто е така?

МАКЕДОНИЈА СО НАЈМАЛ ПАКЕТ МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА СТОПАНСТВОТО

Во изминатиот двомесечен период, означен како справување со корона-криза, се чини како економскиот аспект да беше по малку запоставен, пред сѐ поради бавната реакција и недоволната помош на оние на кои им е најпотребна. За разлика од Македонија, другите земји многу побрзо и поенергично реагираа во насока на поддршка на економијата, со директна помош и со брзи, едноставни и применливи решенија. Ноторен и очигледен факт е дека економијата во овие два месеца функционира во стилот на основно одржување и преживување, а некои од стопанските дејности беа принудени и да престанат со својата дејност. На хартија една од првите уредби на техничката влада во вонредна состојба се однесуваше токму на озаконување на мерките за економска поддршка на компаниите за справување со последиците од економската криза.

Но два месеца подоцна, економските анализи покажуваат дека од земјите во регионот, Македонија издвојува најмалку од своето БДП за помош на компаниите. Тоа конкретно е наведено во анализата на Националната алијанса за локален економски развој. Податоците од анализата наведуваат дека најголем пакет за економска поддршка дава Србија, која изнесува високи 11 проценти од бруто-домашниот производ. По неа се Бугарија со 9,9 проценти од БДП и Грција со 5 проценти. Хрватска и Босна се со приближно исти одвојувања, нешто повеќе од 3 проценти од БДП. Според анализата, Албанија издвоила 1,3 процент, додека последна на листата е Македонија, со поддршка од 1,2 процент.
– Во овој момент, додека се соочуваме со предизвикот за справување со пандемијата, пакетот за економски спас не е доволен, ниту доволно брзо достапен за да создаде услови за навремено закрепнување – вели Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според неа, финансиската помош во целиот свет е главно во вид на субвенции, кофинансирање на фирмите или грантови, додека кај нас помошта е во форма на заеми и кредити.
Политичкиот аналитичар Сашо Клекоски оценува дека економскиот тим на Владата не е дораснат за справување со кризата што е предизвикана од пандемијата на коронавирусот, односно дека Владата многу доцна реагираше со економските мерки, кои освен што се задоцнети, исто така се и конфузни.
– Кога се направија преструктурирањата во техничката влада, во економските ресори, СДСМ не очекуваше дека ќе има епидемија на корона и мислам дека тимот не е дораснат професионално и работно да се справи со економската криза. Има многу нејаснотии, многу доцнење на помошта – констатира Клекоски.

Покрај тоа, Клекоски забележува дека во мерките нема јасна политика што ќе се заштитува, дали ќе се заштитуваат работните места или ќе се заштитуваат невработените.
– Ние сме последна земја по економските мерки, а упорното повторување на владините претставници дека имаме супермерки, само дополнително создава нервоза кај сите чинители во приватниот сектор. Немаше брза реакција, ние до вчера се расправавме кој треба да добие помош, а кој не. Системот на УЈП, од трите мерки, за две мерки беше нефункционален – вели Клекоски.
Некои од економските мерки за помош на компаниите, во вид на исплата на помош на компаниите за платите на вработените во висина на минимален личен доход од 14.500 денари, деновиве почнаа да се реализираат. Но стручната јавност и понатаму апелира дека се потребни брзи, енергични и сеопфатни мерки за помош на економијата и на стопанството, по примерот на другите држави.

– Очигледно е дека одложените избори постојано го создаваат притисокот за креирањето и спроведувањето на економските мерки на Владата за справување со последиците од корона-кризата. Македонската економија е ставена во карантин во изминативе два месеца, нема флуктуација на пари (граѓаните не трошат), стопанството не функционира, а, што е уште позагрижувачки, сѐ уште немаме некои точни показатели колку ќе ни биде лошо понатаму.

А тука е и политичкиот притисок од претстојните избори, па економските мерки за помош во голема мера се креираат со предумисла за изборна победа. Ако не нѐ очекуваа избори (и тие да беа на пример за три години), сосема сигурно многу мазно ќе поминеше предлогот за кратење на платите на администрацијата. Притисокот на изборите си го направи своето. Од досегашниов тек на кризата, најголемиот економски товар падна на приватниот сектор, а, за жал, се чини и понатаму тој ќе биде најголемата економска жртва на кризата – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.