Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција информираше дека денеска се регистрирани 7 оздравени пациенти, починати се три лица, а вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 3152. Бројката на оздравени пациенти е 1653, на починати е 156, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1343. Досега во земјата се направени вкупно 37027 тестирања на ковид-19.
Во однос на состојбата на пациентите во јавно-здравствените установи, тој истакна дека на Инфективната клиника има вкупно 71 пациент и нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ има 42 пациенти, на респираторна машина се 8, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 13 пациенти, во болницата во Штип се хоспитализирани 24 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 39 пациенти.
– Во изминатите денови, практично цела измината недела, се направи таргетирано тестирање- скрининг на контакти на заболени. Екипите на центрите за јавно здравје интензивно работеа на терен во кризните региони и бројката која ја гледаме овие неколку дена е резултат на тоа. Ова беше сосема очекувано и ние тоа го најавивме. Таквото тестирање беше рана дијагностика и навремена изолација на контактите на лицата кои се носители на вирусот во рамки на познатите кластери. Се покажа дека најголем број од заболените се всушност заболени на семејни и други собири, па со ваквата стратегиja практично ги изолиравме сите контакти на заболените кои се без симптоми. Полицискиот час за викендов дозволи многу полесен пристап и брзо тестирање на сите контакти што претходно беше многу отежнато во последните денови. Позитивно е што покрај првичниот отпор кај дел од контактите сега веќе имаме подобра соработка и успеваме полесно да пристапиме и тестираме. Апелирам уште еднаш граѓаните максимално коректно да соработуваат со епидемиолозите и да даваат точни податоци. Огромен процент од дијагностицираните случаи се со лесна клиничка слика или се асимтоматски и од вкупниот број само 8 пациенти се на механичка вентилација – потенцираше министерот Филипче.
Тој истакна дека околу 65 отсто од активните позитивни случаи во Скопје се поврзани со познат случај, а од нив 90 отсто припаѓаат во 41 кластер. Слична е состојбата и во другите 3 кризни региони каде најголем процент од заболените и тие се рамките на истите кластери.
– Кластерската анализа покажа дека речиси сите нови случаи се врзани со некаква форма на собир, прослава во период на 24ти и 25ти мај, односно точно пред две недели, а на што укажа деталната анализа во епидемиолошките прашалници. Овој бран е резултат на ова и повторно ќе кажам, непочитувањето на мерките не доведоа до овој нов бран. Анализата во текот на поседните 7 дена покажува дека успеваме жариштата да ги задржиме во рамки на одредени територијални целини, односно дека нема значајно ширење надвор од нив. Една од дилемите кои се појави е ширењето во други општини во Скопје, надвор од првичните кризни Чаир, Сарај, Гази Баба и Бутел. Тоа е очкувано затоа што Скопје функционира како една целина дека голем дел од овие кои се нови во други општини се исто така поврзани со настаните од ист период. Во периодот кој следи комисијата ќе предложи до Владата, во текот на утрешната седница ќе се дискутира за евентуална рестрикција на движењето – рече министерот Филипче и додаде дека непочитувањето на мерките за заштита го донесе вториот бран во земјата и сите треба да извлечеме поука од ова.
Тој изјави дека успеавме добро да го амортизираме првиот бран и многу побезболно да ја ставиме епидемијата под контрола.
– Во даден момент, оние што не ги почитуваа мерките ниту оние за лична заштита, ниту рестриктивните кои беа воведени го загрозија и сопственото и колективното здравје и ги ставија во многу незавидна позиција сите останати граѓани кои доследно се придржуваат до мерките. И овој пат потенцирам, дека вирусот е тука, тој останува и мора да научиме да живееме со него. Целиот свет продолжува да живее со вирусот, а овие превентивни мерките се универзални насекаде, носење заштитна маска, дистанца, хигиена и дезинфекција, други во моментов нема ниту тука ниту било каде во светот. Само со почитување на овие принципи можеме да ставиме крај на епидемијата. Дисциплина на граѓаните, лична и колективна одговорност побрзо ќе не врати на патот кон нормализирање на нашиот живот. Апелирам до граѓаните да се почитуваат мерките, до надлежните институции за контрола на спроведувањето на мерките, заради тоа што секое прекршување мора да се детектира и санкционира – посочи Филипче.