Дваесет и двегодишната трудница која почина во ГОБ „8 Септември“ од компликации од коронавирусот, одбивала да биде хоспитализирана, бидејќи имала негативен тест за ковид-19, а протоколите налагале таа да биде сместена во оддел каде лежат суспектни трудници.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, појасни дека независно од ковид-тестовите, пациентките со симптоми се третираат како суспектни и се сместуваат во посебен оддел.
– Дваесет и двегодишната трудница е дојдена во Клиника утрото на 23 ноември по трет пат, инаку на 22 ноември ноќта, доаѓала двапати и одбивала да биде хоспитализирана, иако ѝ било објаснето и на неа и на семејството, дека го става во ризик и бебето и самата себе – рече Јовановска.
Пациентката тогаш примила инфузија, се потпишала и заминала од Клиниката. Трудницата имала нерегулиран дијабет и проблеми со тироидната жлезда, а ова ѝ била прва бременост.
Пациентката на 26 ноември од Гинеколошко-акушерската клиника била префрлена во ГОБ „8 Септември“ во многу тешка состојба. На Клиниката за гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, а породен бил мртов плод со царски рез.
Како што соопштуваат од Министерството за здравство, нејзината здравствена состојба била многу лоша и таа за сето тоа време била на респиратор. Третманот со респиратор продолжил и во ГОБ „8 Септември“ каде била донесена во критична состојба.