Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 453.773 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 6.076 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 10.817 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 725.902 дози вакцини, а ревакцинирани се 272.129 граѓани.
„Со последните бројки 58% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 55% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 51% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 41% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, посочуваат од ресорното министерство.
Во извештајот се додава дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата.
Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.
Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање и нагласуваат дека само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.