Денеска во Прилеп, во присуство на премиерот Зоран Заев, на министерот за здравство Венко Филипче, на повеќемина функционери од власта, беше ставена во функција модуларната болница, која ќе има 35 легла и секој кревет е поврзан со централен довод на кислород, со што во голема мерка ќе се намали притисокот за прием на пациенти.
Според в.д. директорот на болницата Кети Смилеска, Прилеп во континуитет бележи високи бројки на новозразени на кои им е потребна лекарска помош и болничко сместување.
– Во болницата функционираме со пет ковид центри со вкупно 130 легла, од кои 50 се со централен довод на кислород, а останатите потреби се покриваат со боци. Досега се хоспитализирани 128 пациенти, од кои над 87 се на кислородна поддршка. Капацитетот е максимално исполнет и затоа со модуларната болница ќе се олесни работата на персоналот – изјави Смилеска, истакнувајќи дека ќе работи по принципот на ротација на кадарот, притоа посакувајќи им на сите пациенти побрзо оздравување.
Модуларната болница според градоначалникот Илија Јованоски ќе придонесе за поголема сигурност за медицинскиот персонал и за граѓаните, од кои 250 се болни, половина во болница, а другите секојдневно примаат терапија.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека задрваствениот систем бил под голем притисок.
– Се соочуваме со најсилниот бран, што го има и во сите околни земји. Благодарение на брзата реорганизација на здравствените работници се амортизира овој бран. Во секоја болница се прави планирање на дневна и среднорочна основа. Модуларната болница е една од 19 објекти во 16 градови во земјава, со вкупно 600 кревети. Во прилепската болница последната година доста инвестиравме. Примени се над 100 нови вработени лекари, медицински сестри, помошен персонал. За првпат Прилеп ќе добие и апарат за магнетна резонанца – рече министерот Филипче, посочувајќи дека следните две недели се критични.
Тој додаде дека во Прилеп непречено се врши и вакцинацијата и досега се вакцинирале околу 150 лица, апелирајќи граѓаните да се штитат, да ги почитуваат протоколите и да се вклучат во вакцинацијата.
Според премиерот Зоран Заев, Прилеп е еден од најпогодените градови од корона вирусот и модуларната болница ќе ги ублажи последиците од овој бран.
– Во знак на поддршка на болницата се вработени 12 лекари и 10 медицински сестри. Последните години се вработени над 100 лица – рече премиерот Заев, посочувајќи дека државата располага со 78 илјади дози на вакцини за да продолжи процесот во имунизацијата.
Ка.М.