Во општина Прилеп нема заболени од Коронавирусот e заклучок од синоќешниот
состанок на Регионалниот штаб за управување со кризи, свикан по барање на директорот на Центарот за управување со кризи.
Покрај градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски, на средбата присуствуваа претставници на сите здравствени институции од градот, на ЦУК, МВР, Армијата, Територијалната противпожарна заштита.
Сите здравствени установи се координирани и спремни за дејствување. Донесен е заклучок за спроведување на епидемиолошка анкета на сите сомнителни случаи кои доаѓаат од средно и високоризичните земји, кои, мора да се јават во Центарот за јавно здравје.
На состанокот е разговарано за проблемот со неконтролирано доаѓање на граѓани од соседните општини, пред се’ од Долнени и Пласница, каде има лица кои допатувале од Италија.
За да ги превенираат евентуалните последици, сообраќајната полиција, во сабота, недела и понеделник, ќе врши контрола на граѓаните кои пристигнале од високоризичните земји, а кои овие денови ќе доаѓаат во Прилеп. Ка.М.