Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, денеска, се испишани пет пациенти. Тие биле негативни на двата контролни теста, во добра општа состојба и ќе се упатат на домашно лекување.
Со ова, вкупната бројка на излекувани пациенти од коронавирус во земјава се искачи на 17.
– Од 28-те пациенти во Дебар, коишто се наоѓаат на домашно лекување, на 11 од денеска и во следните денови им се земаат контролните брисеви. Тие се во сосема добра општа здравствена состојба, поминати се доволен број денови за да се очекува дека се негативизирани, согласно нивната состојба и согласно тоа ќе се постапи во однос на нивниот натамошен третман – рече Филипче.
Во однос на дневната статистика, во изминатите 24 часа се регистрирани еден смртен случај и 25 новозаболени.
Со ова, информираше Филипче вкупната бројка хоспитализирани пациенти во нашата земја е 354, а вкупниот број тестирања досега во нашата земја изнесува 3.775.