Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 44 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 469 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 21 прием и тоа еден пациент бил хоспитализиран на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клиниката за Неврологија, шестмина болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, еден на Клиниката за гастроентерохепатологија, тројца пациенти на Клиниката за нефрологија и седум во новиот центар на Клиниката за уво, нос и грло. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 16 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 7 нови болни во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 23 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 35 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 42 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 23 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести 12 пациенти. Во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 16 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 107 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 34 пациенти, од кои 9 деца и 25 возрасен. Вкупно 469 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 60-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.