Поради вонредната состојба се одложија веќе закажаните парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, но најголемите политички субјекти во Македонија како да не ја испуштаат можноста за одржување на континуитетот на партиско-политичко нетрпение и во услови кога се потребни единство, сплотеност и меѓусебна поддршка во борбата против една заедничка опасност
Не стивнува политичкиот „ентузијазам“ за ефектуирање теснопартиски поени
Неизвесноста за време на вонредната состојба во Македонија (како дел од глобалната заедница), како мерка за справување со пандемијата на ковид-19, и понатаму продолжува. Сепак, и покрај невообичаениот и првпат применет начин на функционирање на општеството, интензитетот, динамиката и содржините на политичко-партиските настани се чини дека воопшто не се намалени. На прв поглед се чинеше дека одложените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, но и сериозната закана од коронавирусот ќе ги потиснат настрана домашните политички збиднувања. Но најголемите политички субјекти во Македонија како да не ја испуштаат можноста за одржување на континуитетот на политичко ривалство и во услови кога се потребни единство, сплотеност и меѓусебна поддршка во борбата против една заедничка опасност.
И во корона-кризата се гледа шанса за партиски пресинг
Воспоставенaта практика на медиумско истакнување на своите предлози и придонеси во борбата со пандемијата, а игнорирање, па дури и омаловажување на предлог-мерките на опонентите, дури и во ваква вонредна состојба многу личи на нестивната борба за ефектуирање политички поени за во блиска иднина.
– Многу незрело е дејствувањето на политичките партии во овие услови, кога е неопходно заеднички да се дејствува. Токму тој нестивнат политички антагонизам, со постојано меѓусебно обвинување и барање скриени намери во сечиј туѓ предлог, ја манифестира таквата политичка незрелост во Македонија. Но не може да се одбегне и еден друг аспект што придонесува за сомнеж и недоверба во јавноста.
Фактот што државата (и пред вонредната состојба) ни е крајно партизирана, придонесува на секоја одлука на државните институции да се гледа како на партиска одлука. Менувањето на администрацијата и раководството во институциите со менувањето на партиите на власт создава необезбеден континуитет во нивното работење, а придонесува и на институциите да се гледа како на продолжена рака на партиите. Во вакви, вонредни услови само појасно и со посилни бои се покажуваат веќе познатите состојби и слабости на партизираното македонско општество – вели професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правнополитички истражувања.
Апел за широко општествено прифаќање на вонредната состојба
Следејќи ги секојдневните медиумски обраќања и однесување на лидерите и на претставниците на партиите, професорот Јове Кекеновски заклучува дека и понатаму таквите активности пред сѐ се преземаат во функција на собирање политички поени.
– Во овој период на широко општествено прифаќање на вонредната состојба, за побезболно да се справиме со опасностите на пандемијата, за жал, воопшто не забележувам политичка култура на зближување, солидарност и заедничко надминување на неволјата што нѐ има снајдено. Напротив, кај партиите гледам несмален политички ентузијазам во функција на ефектуирање политички поени за подоцна. Речиси во секојдневните медиумски обраќања на лидерите на партиите не можам да согледам некоја сериозна партиска стратегија за справување и надминување на состојбата, туку таа се гради на дневна основа. И понатаму единствениот мотив и начин на размислување во партиите се како да се дојде на власт и како да се задржи власта – вели професорот Јове Кекеновски.
Шанса за консолидирање на институциите
Според кажувањата на министерот за здравство Венко Филипче, Македонија е стигната само до втората фаза од развојот на ситуацијата со предизвиците на пандемијата, што значи сѐ уште сме релативно далеку од излегување од вонредната состојба. Но професорката Најчевска смета дека еден од општествено-политичките приоритети по излегувањето од вонредната состојба е консолидирање на институциите и нивно департизирање.
– Во овој миг, секако, не можат да се надминат слабостите на државните институции. Голем дел од проблемот е што ситуацијата со пандемијата нѐ затекна кога немаме изградено здрав професионален континуитет во функционирањето на институциите и администрацијата. Кога ќе заврши вонредната состојба, мора сериозно да се зафатиме со нивно консолидирање и департизација, што ќе овозможи и создавање институционална меморија, а не секогаш, по секои избори да се почнува од нула. Институционалната меморија и воспоставени протоколи и професионална практика на функционирање на институциите, се покажува дека се многу важни за справување со кризи, во каква што се наоѓаме – вели Мирјана Најчевска.