Актуелната криза на површина исфрли една нова форма на волонтерство, која се покажа како екстремно функционална во делот на информирање на граѓаните за состојбите, но и при конкретна помош при доставување на неопходните намирници и лекови за немоќните, социјално загрозените и за тие што се во самоизолација или во карантин
Колку се делотворни волонтерите во обидите за побрзо надминување на пандемија на коронавирусот и на кој начин граѓаните и граѓанските организации во оваа ситуација можат да им помагаат на институциите и на загрозените, се прашањата што се наметнуваат по многубројните информации за нивното дејствување што сѐ почесто можат да се најдат на интернет, но и на влезовите од јавните установи, станбени објекти и слично. Соговорници со кои се консултиравме се согласуваат дека граѓанската солидарност е добредојдена за нашето општество и оти со правилна обука и соодветна заштита, граѓанските активисти можат да имаат навистина корисна улога во оваа ситуација.
Сузана Тунева од Црвениот крст на Македонија вели дека нашиот народ има голема традиција кога станува збор за волонтерска помош во време на кризни состојби, но додава дека сегашните активности по многу нешта се разликуваат од оние што сме ги имале претходно.
Според неа, бројот на волонтери за време на мигрантската криза или кога се случија поплавите во скопско Стајковци била далеку поголема од сегашниот број волонтери што се обратиле до Црвениот крст. Тоа, според неа, е така бидејќи сега се соочуваме со специфична состојба, бидејќи лицата што би волонтирале најпрво треба да ја минат обуката за дејствување, а згора на сѐ треба да бидат и соодветно заштитени.
– Сега имаме специјални протоколи за дејствување со кои ги обучуваме доброволците и волонтерите, па дури потоа им дозволуваме да се приклучат во дејствувањето. Морам да кажам дека има солидна бројка на волонтери што се пријавуваат, но пред да ги ангажираме правиме добра процена дали и на кој начин овие луѓе можат да помогнат. Од друга страна, нашите оперативни процедури говорат дека во вакви услови треба со помал број луѓе поефективно да ја завршуваме работата и да се прибираме дома, за да може да го спречиме ширењето на заразата – вели Тунева.
Според неа, сега волонтерите се добредојдени за дистрибуција на храна и лекови за тие што се во карантин, како и за достава на терапија за хронично болните луѓе, кои се во самоизолација, што се прави во соработка со Министерството за здравство.
Таа додава дека помош се доставува и до оние лица што, според процените, влегуваат во групата на социјално загрозени лица, кои во овие услови не можат да заработуваат на кои им се донирани пакети со храна и со хигиенски средства.
Сепак, Тунтева вели дека според природата на нештата, како и во претходните кризни состојби така и во оваа, најголемиот дел од товарот за волонтерско дејствување паѓа токму врз Црвениот крст, чии тимови целиот овој период откога владее пандемијата на коронавирусот се активни на терен.
Тие на дневна основа имаат по стотици волонтери групирани во тимови, кои им помагаат на сите на кои им е потребно тоа, во период од 8 до 12 часот.
– Ние имаме и волонтери што се во мобилни тимови и се обучени да дејствуваат во кратки временски периоди. Дополнително имаме и педесетина лични асистенти волонтери, кои во домашни услови им помагаат на неподвижните граѓани и на старите лица – објаснува таа.
Сепак, претставничката на Црвениот крст вели дека оваа криза изнела на површина и нова форма, во која волонтерите се покажале како екстремно функционални во делот на информирање на граѓаните за состојбите.
– Нашите тимови се активни електронски, но и на терен каде што се делат памфлети и летоци со информации со кои се обидуваме да ја издигнеме свеста на луѓето за заштита од болеста, преку придржување до мерките што ги пропишува државата – вели Тунтева.
И Бојана Саздовска од невладината организација „Загрижен родител“ се согласува оти е евидентно дека нашето општество во време на криза развива поголема свест за несебична помош на оние граѓани или на слоеви во општеството на кои таа најмногу им е потребна.
За да се увериме во оваа констатација, таа нѐ упатува да погледнеме на социјалните мрежи, но и да ги прочитаме огласите на листови закачени на зградите низ градовите во земјата каде што можат да се забележат и пораки од соседите, кои ја нудат својата помош при купување и достава на храна и лекови за постарите соседи и за оние што не можат да излезат од дома.
Активистката вели дека ова е охрабрувачки сигнал и дека очекува во следниот период да има уште поголем број граѓани, кои несебично ќе нудат помош притоа внимавајќи и самите да не се заразат што, секако, како што додава, ќе помогне заедно да ја надминеме оваа ситуација.