Нема потреба од приемни испити на факултети, СДСМ да не се меша во работата на професорите, велат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлогот на СДСМ да се укине државната матура ова година, а факултетите, каде ќе има голема конкуренција за упис, селекцијата да ја направат преку приемен испит.
– И по месец и половина немаат одлука, туку размисллуваат и повторно прават грешка. Им препорачуваат на факултетите да спроведат приемен испит затоа што ќе имале голем наплив за упис на студенти. Бидејќи немаат идеи и не знаат самите да го решат проблемот, им препорачуваме внимателно да читаат и да слушаат што зборуваме речиси 2 месеци.
Не мора да има приемни испити, не мора, ако учениците се оценат со средна оценка изведена од претходните години, првото полугодие од оваа учебна година и ангажманот за време на далечинското учење – велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат од каде е идејата дека повеќето ученици би се одлучиле за факултет, различно од претходните години?
– Тие планираат сите да ги оценат со петки? Па не се тие наставници. Наставниците оценуваат, не СДСМ. Сигурни сме дека наставниците и со намалени плати ќе си ја завршат работата чесно и одговорно. Наместо да им се мешаат на наставниците во работата, подобро е да прават стратегија за тоа што ќе прават во август и септември за децата кои не се опфатени со далечинското учење, што со децата со посебни потреби и што со илјадници студенти кои ќе треба да ја надоместат практична настава, колоквиумите и да полагаат испити – велат од ВМРО-ДПМНЕ.