Експертите велат дека бројките одат во добра насока, но и оти, сепак, тоа не треба да биде сигнал за олабавување кај луѓето, туку напротив да биде стимул уште повеќе да се придржуваат кон трите основни препораки за заштита, носење маски, одржување физичка дистанца и хигиена
Влегува ли Македонија во процес на стагнирање и стабилизација на ширењето на коронавирусот или, пак, последните статистики се само инцидентни процеси од кои не може да се извлече заклучок дека земјата го помина и вториот ек од заразата? Оваа дилема се појавува откако изминативе десетина дена во Македонија процентот на вирулентност, односно на бројот на нови заразени од вкупниот број тестирани, е под 10 отсто, а завчера достигна нешто околу пет отсто. Истовремено, веќе подолго време опаѓа и бројот активни случаи, кој од 4.200 пред десетина дена, сега е околу 3.500 позитивни, како резултат на поголем број оздравени од новозаразени за еден ден.
Пред два дена бројот на позитивни случаи изнесуваше 88 лица, од направени 1.507 тестирања. Со тоа, бројот на активни случаи изнесува 3.557 лица.
Пред само десетина дена, на 25 јули, бројот на нови позитивни случаи изнесуваше 152 лица, од направени 1.077 теста. Тогаш бројот на активни случаи позитивни на вирусот изнесуваше 4.199 лица.
Слична статистика со мало опаѓање на заразата беше забележана и во последните две неделни извештаи на Институтот за јавно здравје, но тогаш здравствените авторитети оценуваа дека е рано да се констатира дека ова е процес што ќе води кон стабилизација.
Експертите велат дека бројките одат во добра насока, но сепак тоа не треба да значи никакво олабавување кај луѓето, туку напротив да биде стимул уште повеќе да се придржуваат кон трите основни препораки за заштита, како носење маски, одржување физичка дистанца и хигиена.
Дополнително, надлежните потсетуваат дека искуството покажало дека вирусот се шири на бранови и многу лесно може да се вратат поразителните бројки, според кои, имаше денови во кои процентот на заразени од вкупниот број тестирани беше и до 20 отсто.
Епидемиологот Драган Даниловски анализирајќи го последниот период на ширење на вирусот во земјава вели дека последните бројки покажуваат дека имаме блага тенденција на смирување на состојбите.
– За нас епидемиолозите најверодостојни показатели за тоа се бројот на активните, хоспитализираните и починатите случаи. На 25 јули годинава имавме пик од 4.199 активни случаи и оттогаш тој број опаѓа. Од 29 јули бројот на хоспитализираните цело време е под 400, со тенденција на опаѓање. Од 19 јули и бројот на починатите е во опаѓање. Не верувам дека ова се случајни осцилации. Со висока веројатност мислам дека може да се тврди дека влегуваме во стабилизација на епидемиската крива. Во прилог на ваквата констатација оди и вредноста на базичниот репродукциски број, кој цел месец јули се движи околу единица, а последниве денови се држи на вредности под еден – објаснува Даниловски.
Според него, овој тренд може лесно да биде нарушен, ако се случуваат настани со високи епидемиолошки ризици.
– Ќе видиме дали метежите на плажите, летните забави и слично ќе имаат некое влијание во оваа смисла. Олеснителна околност е што сите тие собиранки се случуваат на отворено, каде што воздушните струења постојано ја намалуваат концентрацијата на вирусот во воздухот. Сепак, ќе видиме што ќе биде со бројките наредните денови. Ќе видиме какво влијание врз кривата ќе има и почетокот на учебната година, ако се одлучи наставата да се изведува во живо – посочува епидемиологот.