Владата објави јавен повик за интервентна набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од коронавирусот ковид-19 за време на вонредната состојба. Согласно повикот, маските треба да бидат повеќекратно употребливи, изработени од 100% памук, грамажа: 140-160 гр/м2 и промена на димензиите при перење и сушење (собирање) на 95°Ц максимум 5%, на јаток максимум 1%.
Право на учество војавниот повик имаат сите домашни производители кои ги исполнуваат условите од овој повик и тоа:
– испорака на најмалку 2.000 маски дневно;
– испораката да се врши за период на траење на вонредната состојба, на различни локации во Скопје;
– единечната цена по маска да изнесува максимум 40 денари, плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор;
– единечната цена по маска да изнесува максимум 25 денари, плус данок на додадена вредност за маските изработени од материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија;
– за материјалот од кој ќе се изработуваат заштитните маски потребно е да се достави извештај од извршена лабораториска анализа издаден од страна на овластена лабораторија, со примерок од маската во прилог.
Економските оператори, понудувачите на овој јавен повик е потребно да ги достават следните документи:
– Документ за регистрирана дејност (ДРД образец),
– Извештај од извршена лабораториска анализа од овластена лабораторија, во однос на квалитетот на маските,
– Примерок од маските што ќе се доставуваат и
– Изјава од понудувачот дека може да врши испорака на најмалку 2.000 маски дневно.
За способноста на понудувачите, одлучува комисија составена од 5 (пет) члена од редовите на Владата на Република Северна Македонија – Генералниот секретаријат, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за внатрешни работи, кои ќе извршат оценување на способноста на понудувачите согласно бараните услови во повикот и ќе предложат избор до одговорното лице.
Владата ќе склучи договор со сите понудувачи кои ги исполнуваат условите.
Испораката на 2.000 маски дневно ќе биде реализирана на еднакви делови, односно сразмерно на бројот на понудувачи со кои ќе се склучи договор. Лица назначени од страна на договорниот орган ќе вршат квалитативна и квантитативна проверка при испораките.
За неисполнување на склучен договор, на економскиот оператор ќе му биде наплатена договорна казна согласно склучен договор и ќе се има предвид при докажување на способноста за неисклучување од постапка при спроведување на редовни јавни набавки.
Плаќањето ќе се врши по достава на фактура и испратници за извршена испорака во архивата на Договорниот орган – Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, со седиште на бул. „Илинден“ бр.2, Скопје, во рок од 60 дена од денот на приемот.
Понудите се доставуваат во затворен плик, по пошта или лично до архивата на договорниот орган на следната адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје, најдоцна до 27.4.2020 година до 15 часот. Понудите кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.