Владата го објави тендерот за организирање авионски превоз за пренесување на македонските граѓани од странство.
За дестинации за чартер-летови се утврдени: Малта – Скопје, со кој ќе бидат превезени 148 патници и Загреб – Скопје со кој ќе бидат превезени 226 патници.
Крајниот рок за организарање на летовите треба да биде до петок, до 12 часот.
Јавниот повик ќе трае 12 часа од моментот на неговото објавување на веб-страната на Владата, односно понудите да се достават најдоцна вечерва до 22 часот.
Лицата кои ќе се вратат со овие летови, при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.
Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Сите кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.
– Договорот помеѓу патниците и Владата на Република Северна Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна – соопштија од Владата.
За дополнителни информации понудувачите може да се обратат до Владата – Генерален секретаријат на телефон 02/3118-022.