Владата има разработени сценарија со мерки кои се повеќе рестриктивни од досега воведените, а доколку се наметне потреба, ќе се активираат. Ова го соопшти премиерот Спасовски, кој повика на одговорност од страна на секој поединец. Според него, најголем патриотизам во овој период е да се почитуваат мерките донесени од Владата.
– Има разработени сценарија и може да имаме уште мерки кои ќе бидат воведени. Повикувам граѓаните да не постапуваат неодговорно, за да видат дали ќе воведеме нови мерки. Колку поодговорни ќе бидеме, толку полесни мерки ќе имаме, но и помалку негативни ефекти. Зависно од тоа како ќе се однесуваат граѓаните, колку ќе ги почитуваат досегашните мерки, толку повеќе мерките ќе бидат намалени или зајакнати. Ако некој граѓанин мора да биде во самоизолација, нека биде во самоизолација. Ако се определи ограничување во движењето, нека се почитува, тоа е најголем патриотизам во овој период. Секој сет на нови мерки нека биде за подигнување на јавната свест – посочи Спасовски.
Според него, забраната за движење во викендите, треба да го спречи одењето на излетнички места, како што се случувало досега.
– Во однос на тоа дека се движат луѓе во излетнички места, затоа се зголемува забраната за движење. Во текот на викендот ќе имаме забрана за движење во сите градови. Одговорноста на граѓаните не беше на висината на задачата. Многу лесно се преминуваше преку препораките. Јас посакувам овие мерки да ги дадат ефектите – додаде Спасовски.
Министерот Венко Филипче вели дека поради празниците и сончевото време во идниот период, морало да се постапи на овој начин и Владата да одлучи да воведе нови забрани за движење.
– Со оглед на тоа што епидемијата го смени текот и динамика на која се одвиваат работите, токму затоа Владата донесе мерки. Беше забележливо дека и досега во една фаза граѓаните не ги почитуваат мерките. Имаме факт дека има убаво време и празници, затоа се предложија овие мерки за дополнителна рестрикција на движењето. Свесни сме дека социјалната дистанца не е во природата на човекот, но тоа ни е најпотребно во интерес на колективното здравје – рече Филипче.