На денешната седница е усвоена и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства.

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11 март 2020 година, кога од страна на Светската Здравствена Организација е прогласена пандемија на коронавирусот ковид-19 и ќе се применуваат до 30 април 2020 година.

На предлог на Кабинет на заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Владата денеска ја прифати информацијата за економски мерки за справување со последици од Коронавирус, кои предвидуваат директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти со грејс период од 6 месеци и рок на отплата од 2 години.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020-та година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради корона вирусот.

На оваа своја седница, Владата ја усвои и Одлуката за забрана на продажба на масло за горење екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ-1 со содржина на сулфур најмногу до 0,1 отсто (м/м), на бензинските станици во периодот од 15 април до 15 октомври 2020 година.

Оваа одлука е донесена од причини што грејната сезона завршува на 15 април и тој вид на гориво исклучиво е наменето за затоплување на просториите на домаќинствата и на другите деловни простории, а неговата натамошна продажба после 15 април се забранува за да не се користи за погон на моторни возила и за другите видови на мотори.


Владата го ограничи извозот на пченица и брашно

Владата донесе Одлука за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица или наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00 и 1101 00.Ограничувањето на извозот од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30 април 2020 година, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа.

Оваа одлука е усвоена со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата, и да се обезбедат доволни количини на брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО и во услови на ограничен увоз на брашно поради донесената одлука за забрана на извоз на брашно и други производи од Република Србија во времетраење од 30 дена, кое завршува до средината на април 2020.