Јас се надевам на божјата милост и на помошта на Пресвета Богородица и посакувам да имаме многу радосен и торжествен Велигден, кога радувајќи се на Христовото воскресение и победата над смртта, ќе се радуваме и на победата врз оваа болест. Отецот смета дека потегот на Бигорскиот манастир, кој почна со интернет-пренос во живо на литургиите, е за поздравување, но целта од преносите е утехата за верниците и е привремена мерка, сообразна со ситуацијата. Во никој случај богослуженијата не смее да се пренесат во онлајн-сферата засекогаш
Разговор со отец Бобан Митевски за пандемијата и црквата
Општата ситуација со ширењето на коронавирусот во земјава и рефлексиите врз црковниот живот на верниците не треба да поттикнуваат страв, туку треба да ни бидат мотив да се трудиме, да се бориме, да нѐ поттикнат да продреме во себе, да ги видиме грешките и да се измениме, како и да се подготвиме да го сретнеме Бога и да останеме при него. Вака отец Бобан Митевски, свештеник од скопската епархија при Македонската православна црква, ја опишува новонастанатата состојба, пред сѐ, поврзана со ограничувањата што државата ги налага во поглед на практикувањето на верата во следниот период.
Отец Митевски смета дека мерките не се насочени како удар кон црквата, туку се за заштита на здравјето на луѓето.
– Не би се согласил со констатацијата дека црквата е најпогодена во оваа ситуација, туку дека сите сме најпогодени, секој поединечно и сите ние како народ и народи, како општество и држава. Мерките што ги пропишуваат Владата и здравствените власти се и разбирливи и потребни. Потребно е сите чинители во општествената заедница да се вклучиме со поддршка, одговорно да го правиме тоа, особено зашто овде не станува збор за поддршката како цел што треба да се исполни, туку целта е општото добро и доброто на секој од нас.
За помалку од еден месец сме пред чествувањето на најголемиот христијански празник Велигден. Ако продолжат мерките, како ќе го одбележат овој празник црквата и верниците?
– Верувам дека ќе се најде решение, односно ќе се постапи така како што налагаат условите и мерките. Светиот архијерејски синод или секој архијереј поединечно ќе дадат соодветни насоки. По однос на вакво можно сценарио на одвивање на работите, свое расудување даде деновиве и отецот Захариј, опитен духовник и богослов од Есекс, Англија: „Ако можеби нема да имаме Пасха во црква, да се сетиме дека секој контакт со Христа е Пасха. Неговото име го имаме секогаш, не сме лишени од Господа“. Јас се надевам на божјата милост и на помошта на Пресвета Богородица и посакувам да имаме многу радосен и торжествен Велигден, кога радувајќи се на Христовото воскресение и победата над смртта, ќе се радуваме и на победата врз оваа болест.
Што се случува со светата тајна причест? Во православниот свет има голема дебата за целата оваа ситуација, дали ова може да значи голем удар врз христијанството?
– Не, светоста на причеста не е доведена во прашање, ниту ова се смета за удар на верата. Да, црквата е засегната, христијаните се засегнати, но не се доведени во сомнеж ниту верата ниту причеста. Скопската епархија и некои други епархии во МПЦ одлучија да се придружат на мерките на државата, имајќи ги предвид и состојбата и предвидувањата за понатамошниот развој, но најмногу од сѐ имајќи чувство за одговорност, најпрво пастирска, а потоа и општествена. И не е тема причеста, ниту дека некој се откажува од неа, дека не верува во благодатот на светите дарови, дека ќе го напушти преданието за оваа света тајна. Мерката за суспендирање на богослуженијата со верен народ е заради несобирањето на повеќе луѓе на едно место. Да, тоа ќе значи и неможност верниците да се причестат, но ваквото „лишување“ е со благослов, мерка дадена како послушание, а вистинскиот верник знае што е послушание и благослов, му верува на тој што дал таква одредба зашто му се доверил. Знае дека одлуките и чекорите што се преземаат се дел од одговорноста и се производ на нечие расудување и молитва, но никако не на слаба вера.
Знае од искуството дека со жртва, со лишување се доаѓа до наградата. Знае дека „Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мт. 11, 12), знае што значи и „Милост сакам, а не жртва“ (Мт. 12, 7). Тоа што беше наложено како послушание на верниот народ е понуда за подвиг во осамеништво, во својот најинтимен простор, во домот, подвиг за преиспитување, подвиг за поголема предаденост на молитвата, но најмногу од сѐ е подвиг за средба со себеси, а од таму на средба со Бога. Светот и човекот премногу се потпреа на себеси, на своите несовршени сили, па помислија дека можат и знаат сѐ, па тргнаа со неразумност во секакво опуштање. Но добриот наш небесен татко, со еден љубовен потег ни докажа колку сме скапоцени во неговите очи и дека сме заборавиле на најважното: добрината, љубовта, чесноста, другиот до нас и сите ние во заедница со Бога.
Дел од црквите во земјава, како Бигорскиот манастир, почна со интернет-пренос во живо на литургиите. Дали е тоа начин да се задржат верниците во црквата?
– Потегот на Бигорскиот манастир е за поздравување: Целта од преносите е утехата за верниците и е привремена мерка, сообразна со ситуацијата. Во никој случај богослуженијата не смее да се пренесат во онлајн-сферата засекогаш.
И црквата помага на терен
Отец Бобан вели дека хуманитарната организација при скопската епархија „Свети Спас“, не само на територијата на Скопје туку и низ другите градови, спроведува проекти што придонесуваат и помагаат во справувањето со пандемијата.
– Покрај обезбедувањето топол оброк за вработените на Инфективната клиника, за сите смени на дневно ниво, досега низ неколку болници во Скопје и други градови се поделени 1.500 заштитни маски. Донираме и интервентни пакети со прехранбени продукти и хигиенски средства за лицата што економски се засегнати од кризата, а организирани се и пет мобилни екипи што пазарат за повозрасни лица и за тие што се во изолација – вели отецот.