Пандемијата веќе го смени и начинот на кој ќе се одвиваат политичките активности на Европската Унија и на Обединетите нации, но и на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и на низа други светски политички и финансиски институции. Токму на овие виртуелни состаноци, без оглед што нема физичко присуство на одговорните на ист простор, се носат големи одлуки во различни сфери. Какви се состојбите во Македонија

Светот се трансформира поради пандемијата

Во време кога секојдневно расте заканата од пандемијата со вирусот ковид-19, светот започна трансформација на своето работење, а новите технолошки можности овозможуваат речиси целото работење да се одвива виртуелно.
Пандемијата веќе го смени и начинот на кој ќе се одвиваат политичките активности на Европската Унија и на Обединетите нации, но и на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и на низа други светски политички и финансиски институции.

Токму на овие виртуелни состаноци, без оглед што нема физичко присуство на одговорните на ист простор, се носат големи одлуки во различни сфери.
Потврда за тоа е и неодамнешната ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во шпанскиот Сенат, што поради заканата од коронавирусот за сенаторите се одвиваше по виртуелен пат бидејќи оваа европска земја, покрај Италија, е главното жариште на вирусот во Европа.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера имаше виртуелна заедничка прес-конференција со својот германски колега Михаел Рот, откако беше оневозможена неговата посета на земјава поради пандемијата на вирусот ковид-19.
Сè поверојатно е и состанокот на лидерите на ЕУ закажан за 26 март, на кој треба да се расправа за одредување датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, да се одржи виртуелно.

Со виртуелна настава од неодамна започнаа и дел од учениците во земјава, кои поради неможност да бидат во училишните клупи, учат од дома.
– Интересно е да се учи преку компјутер. Со соучениците сме поврзани преку интернет и заеднички решаваме задачи и учествуваме во наставата. Лично повеќе ми се допаѓа виртуелната настава отколку обичната, бидејќи и концентрацијата ми е многу поголема – вели Лука Јовановски, средношколец.
И медиумите во земјава, во насока на почитување на владините препораки за ограничување на движењето на луѓето и престој во затворен простор, гостите во дебатните емисии ги канат преку нивно виртуелно учество.
– Онлајн-состаноците на кои се користи видеото за да им се овозможи на учесниците да се видат едни со други, можат да изградат посилни меѓусебни врски и да ги подобрат односите меѓу луѓето. Исто така, можат да придонесат за намалување на ефектот на културните и личните конфликти – велат експертите со кои се консултиравме.

Тие уште додаваат дека главната предност е што овој тип состаноци се полезни и помалку скапи од состаноците во живо.
– Виртуелните состаноци ја елиминираат цената на патувањата, сместувањето и оброците. Тие ја минимизираат непријатноста на работата, го намалуваат губењето време и ја зголемуваат продуктивноста.Уште една голема предност е што можат да ги поврзат луѓето што се раздвоени временски и просторно – нагласуваат познавачите на состојбите.
Според нив, виртуелните состаноци можат да ги зголемат отвореноста и подготвеноста за расправа, без непотребно губење време на неформални разговори што, од друга страна, води кон побрзо и покреативно носење одлуки.
– Виртуелните состаноци или т.н. видео/аудиоконференции се практична и сигурна алатка, која долго време наоѓа широка примена во бизнис-опкружувањето во светот, а сѐ повеќе се практикува и во Македонија.

Видео/аудиоконференцијата на компаниите или заинтересираните субјекти им овозможува преку интернет да одржат вистински и ефикасен состанок и покрај тоа што учесниците се десетици, стотици или дури илјадници километри оддалечени во земјата или странство – појаснуваат од „Телеком“.
Тие уште додаваат дека со ваквото решение, односно со помош на современата технологија, корисниците заштедуваат драгоцено време и дополнителни трошоци, што е исклучително важно, особено при вонредни ситуации или при пандемијата, со која се соочува светот денес.


Минутажата на виртуелните состаноци вртоглаво расте

Корисниците на една платформа на американската технолошка компанија „Циско“, овој месец минале 5,5 милијарди минути на виртуелни состаноци.
Директорот на „Циско“ Чак Робинс, изјави дека нивната платформа за видеоконференции „Вебекс“ забележала огромен раст на корисничките активности од почетокот на март, поради пандемијата на вирусот ковид-19.
– Во првите 11 работни дена во март имавме 5,5 милијарди минути состаноци… Станува збор за состаноци на кои учествуваат повеќе луѓе – рече Робинс.