Во текот на викендов ќе биде зголемен бројот на припадниците на министерството за внатрешни работи на терен, особено во градовите туристички дестинации во земјата, соопшти Владата.

Според информациите од МВР, вчера биле поднесени 114 кривични пријави кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест. Истовремено поднесени се 451 прекршочна пријава за носење на маски заради спречување на ширењето на коронавирусот.

Владата ги задолжи полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките за спречување на ширењето коронавирусот и за заштита на здравјето на граѓаните од ковид-19.


МВР: За 24 часа на 722 лица им се издадени решенија за изолација

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата на 722 лица им се издадени решенија за изолација, а 185 лица потпишале изјави за самоизолација, соопшти МВР.

Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација и не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација.

По однос на мерката за неносење заштитни маски регистрирани се 481 прекршоци.

Исто така, по однос на забраната за движење, во текот на изминатите 24 часа евидентирано е дека на ниво на целата држава 203 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 155 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки.