15.237 Македонци се вратени во татковината за време на пандемијата од коронавирус благодарение на напорите на бугарската дипломатија. Оваа статистика е обелоденета преку локалните бугарски медиуми, а се однесува за број на Македонци од почетокот на кризата до 5 јуни. И оваа бројка веројатно сега е зголемена за повеќе од 1.000 луѓе затоа што бугарската статистика секој ден бележи пристигнување во Бугарија меѓу 250 и 350 Македонци.
Голготата за Македонците кои беа „заглавени“ по светот започна на 14 март, кога светот се „затвори“ за нашите сограѓани блокирани на аеродромите, железничките станици и гранични пунктови во Азија, Блискиот Исток, Европа и Северна Америка. Извор од нашето МНР за бугарски медиум тврди дека имало случаи кога „им ѕвоневме на бугарски конзули во 4 часот наутро. Доста непријатно, но требаше да вратиме стотици „заглавени“ сонародници“. Како куриозитет, тој додава дека меѓу „спасените“ биле и ќерката на сегашен македонски министер, блиски на пратеници во опозицијата, но и на познати јавни личности.
Во рамките на бугарското МНР за целиот овој период перманентно работела екипа која реагира на секоја вонредна ситуација. Повеќе примери на професионални и инстантни дипломатски реакции се наведени , почнувајќи од „помош на бремени жени и оние со мали деца се до возрасните на кои требало да им се обезбедат неопходните лекови при пристигнувањето“.
– Бугарија подаде рака на секој Македонец, кој имал потреба низ целиот свет – пишува БГНЕС.