Деновиве состојбата со ковид-19 во Кичево е незначително променета, со благ пораст на новозаболени како и оздравени лица, а бројот на активни е релативно мал во споредба со летните месеци, кога бројот на активни случаи беше многукратно зголемен.
Бројот на починати стагнира подолг период и изнесува 14. Здраствената состојба со 30 –те активни случаи е задоволителна и повеќето се со полесна клиничка слика и на домашно лекување. И покрај поволните показатели, од Кризниот штаб, константно апелираат, будноста на граѓаните да биде на највисоко ниво и во целост да се почитуваат протоколите.
– Во моментов имаме поволен здраствен билтен со релативно мал број активни случаи, само триесет, и благ пораст на новозаболени кој денес изнесува три лица. И покрај овие факти, мораме да бидеме будни и да ги почитуваме протоколите, бидејќи вирусот е тука, и ако се има во предвид претстојниот период со зголемено аерозагадување и со подолг престој во затворен простор, тогаш бројките за час можат да се променат – вели доктор Џабир Бајрами, член на Кризниот штаб.
З.А.