На социјалните мрежи се појавија коментари со навредувачка содржина кон свештениците, кои деновиве качени на камион прскаа осветена вода низ улиците на неколку града низ земјава, со повици за санкции на црковните лица и за осуда на постапките на црквата. Сепак, според експертите за верски прашања, овој потег на Повардарската епархија не е непознат за Православната црква и се практикува во многу православни центри, во одредени кризни временски периоди
Потсмев и осуда од една страна, а поддршка и оправдување од друга страна предизвика литијата што Повардарската епархија при Македонската православна црква-Охридска архиепископија пред два дена ја организира со четири-пет свештеника, кои качени на камион прскаа осветена вода низ улиците на неколку града низ земјава. Целта на целиот чин е, црквата на свој начин, односно преку молитва, да се вклучи во борбата против коронавирусот.
На социјалните мрежи се појавија коментари со навредувачка содржина кон свештениците и кон црквата, со повици за санкции на црковните лица и со осуда на постапките на црквата.
Според експертите за верски прашања, овој потег на Повардарската епархија не е непознат за Православната црква и се практикувал во многу православни центри, во одредени кризни временски периоди.
– Стравот што се шири по социјалните мрежи за целата ситуација со коронавирусот придонесе оваа литија да биде третирана со потсмев и осуда, а придонесе и за сатанизација на црквата. Но кај голем дел од јавноста предизвика и контрареакции, во одбрана на црквата и го оправда овој чин – посочуваат аналитичарите.
МПЦ неколкупати јавно соопшти, а тоа го посочува и Повардарската епархија во своето соопштение, дека се придржува кон владините препораки и ги почитува мерките во борба против коронавирусот, но вели дека црковниот живот, литургиите, молитвите едноставно не можат да прекинат, затоа што тоа е и суштината на постоењето на црквата, особено во ваквите тешки времиња.
– Следејќи ја традицијата на светата православна црква, кога за време на војни, суша, земјотреси, епидемии и други несреќи, во минатото биле спроведувани литии со икони, крстови, света вода и свети мошти, со благослов на митрополитот повардарски г. Агатангел, во Велес и сите градови и населени места свештеници од Повардарската епархија со света вода ги попрскаа улиците. Притоа беше прочитана молитва и беше побаран благослов од бога за престанување на глобалната пандемија и на погубната зараза – велат од Повардарската епархија.
Митрополитот повардарски Агатангел порача Бог да ја благослови нашата татковина и да ги штити од разни болести и зарази сите оние што живеат во неа.
– Следејќи ги препораките од државните органи, за да не се собира голем број народ, г. Агатангел благослови свештенството да го отслужи овој чин во движење, со помош на возила, што е редовна практика при вакви вонредни состојби и во други држави и помесни православни цркви – појаснуваат од епархијата со седиште во Велес.
Тврдокорните Македонци вчера, пак, излегоа со соопштение во кое порачаа дека православната литургија во Македонија нема да прекине.
– Никој да не се осмелил да преземе каква било казнена мерка спрема православен свештеник, кој служи почитувајќи ги безбедносните мерки. Оставете ја црквата да си ја остварува својата духовна и народна служба. Ако ги исполнуваме сите безбедносни мерки, зарем ќе ни го оспорите основното човеково право правото на вероисповед. Ако е дозволено за телесно здравје да се излезе и да се вежба на определено растојание, на истиот начин мора да бидат дозволени нашите чинови, кои ни служат за духовно здравје. Ако има опасност од вирусна зараза не значи дека треба да умреме само за да не се заразиме – порачаа тврдокорните Македонци.