Фото: Игор Бансколиев

Полицискиот час и забраните за социјален живот сѐ повеќе влијаат на луѓето. Психолозите советуваат како да се поставите и како да го поминувате корисно времето дома, но и посочуваат дека целата оваа состојба ќе ги направи младите луѓе појаки, поборбени и посвесни за одговорноста што треба да ја имаат кон своето здравје и животот

И до 50 повици во еден ден добивале психолозите што работат на телефонските линии за психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст, на возрасни лица во самоизолација и на граѓаните во Дебар и Центар Жупа, во кои е прогласена кризна ситуација. Најчесто луѓето што се во самоизолација чувствуваат напнатост, анксиозност и паника. Истите психолошки состојби ги доживуваат и оние што се придржуваат до мерките и ги приспособиле секојдневните обврски на функционирање од дома.

Новите мерки за заштита на населението од ширењето на коронавирусот, како прогласувањето вонредна состојба и воведувањето полициски час со што се ограничува движењето на луѓето, се нештата што драстично им го сменија секојдневието на децата, на младите и на возрасните во државата.
Најпогодени во целава ситуација се младите, кои имале поинаков начин на функционирање, биле излезени често во вечерните часови, а сега седат дома и многу им е тешко да го организираат времето.
Појаснувањето на новонастанатата состојба, без притоа да се создаде страв и да се разбере целокупната сериозност на ситуацијата е успех и за родителите, но и за возрасните членови на едно семејство.

Постојано говорење за опасниот вирус, какви последици ќе остави во нашите животи создава потреба од поинаков приод на животот создаден за вакви кризни ситуации.
Психолозите што се јавуваат на бројот 072 919 009 наменет за возрасни лица во самоизолација велат дека најмногу јавувања во еден ден имале минатата недела и таа бројка достигнала до 50 повици.

– Некогаш повиците се поради реален проблем, но има и такви што сакаат да поразговараат со некого, да разменат неколку реченици со некого. Советите што ги даваме се, пред сѐ, индивидуални, зашто секој случај е посебен, со посебен начин на живот и потреби. Но генерално, поради чувството на страв и неизвесност им препорачуваме помалку да се изложуваат на разни информации околу коронавирусот, кои ги читаат на интернет или ги слушаат на телевизиите. Потоа, препорачуваме да се свртат кон самите себе, да најдат некоја активност што ќе ги окупира нивното време и внимание – порачуваат психолозите од телефонските линии за психолошка поддршка.
Од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје пред една недела соопштија дека граѓаните можат да ја добијат телефонската психолошка поддршка секој ден во периодот од девет до 16 часот. Психолошката поддршка за родители на деца на предучилишна и училишна возраст ќе биде достапна на телефонскиот број 072 912 676, за возрасни лица во самоизолација на телефонот 072 919 009, а за граѓаните на Дебар и на Центар Жупа, на бројот 070 241 807.

Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска вели дека состојбата што се случува изминатиот период е нова, неочекувана и досега не се случила во оваа мера. Посочува дека промените на живеење што ги наметна ширењето на коронавирусот во земјата, од воведување вонредна состојба, полициски час, придржување до мерки за превенција, на забрана за движење навечер се нови, неочекувани и досега не се случиле. Затоа, според неа, нормално е луѓето да чувствуваат неизвесност и страв за нивното здравје и живот.

– Промените во начинот на живеење се нови и големи. Сѐ зависи од свесноста на еден човек, од неговиот пристап кон оваа ситуација. Ако некој го сфати ова како наметната состојба, како нешто што им ја зема слободата, тогаш и психолошката состојба ќе им биде деструктивна, односно нема да ги почитуваат мерките за заштита на населението и ќе си наштетуваат себеси и на другите околу нив. Но ако оваа состојба се разбере како нешто што е за нивно лично добро и се свесни зошто седат дома, дека ако сѐ ова заврши побрзо повторно ќе се вратат на нивниот редовен живот, тогаш полесно ќе ја надминат изолацијата – објаснува Јовановска-Стојановска.
Според неа, за младите пресуден е разговор со родителите и со блиските, зашто можеби ним им е најтешко, не можат да се социјализираат и да се дружат со нивните врсници.
– Токму од најмладите се очекува од оваа ситуација да пораснат, да созреат и да ја сфатат одговорноста за својот живот, дека тие се одговорни за своето здравје. Да го земат животот во свои раце. Да станат самостојни и одговорни личности – нагласува психологот.
Според неа, промените во начинот на живот се тешки и тука стресот најмногу се покажува. И сето тоа е нормална појава. Како што вели Јовановска-Стојановска, сево ова е исфрлање од колосекот на секојдневното живеење.

Потоа, според неа, следува чувството на страв, па на паника и на крајот анксиозност.
– Тие чувства можат да се надминат само со разговор, со наоѓање некакви активности што ги релаксираат, со правење распоред на денот, со посветување на нешто што досега никогаш не се посветиле. Нема потреба од создавање специјални услови за што било. Потребна е само свесност за состојбата и приспособување на сето тоа во домашни услови – заклучува Јовановска-Стојановска.


Втор смртен случај од ковид-19

Уште една жртва на коронавирусот во Македонија е маж на 63-годишна возраст од Дебар, кај кој дошло до нагло влошување на состојбата. Пациентот немал историја на придружни болести. Ова е втор смртен случај во последните два дена.
Во текот на вчерашниот ден се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 до вчера, во 12 часот, изнесуваше 136 пациенти, соопштуваат до Министерството за здравство. Според местото на живеење, до вчера беа регистрирани 81 случај во Скопје, 40 во Дебар, седум во Штип, три во Куманово, по два во Кавадарци и во Охрид и еден во Гостивар.

[email protected]