Најновите расположливи податоци покажуваат дека макроекономската состојба е стабилна, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на прес-конференцијата којашто денес се одржа во Владата, во врска со мерките за ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на коронавирусот.
Притоа, таа се осврна на неколку важни економски аспекти и меѓудругото посочи дека девизните резерви се на високо ниво, а банкарскиот систем на нашата земја е здрав и стабилен.
– Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75% треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението. Со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус, и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок – рече Ангеловска-Бежоска.
Таа накусо ги претстави и одлуките коишто Советот на Народната банка ги донесе во насока на ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата.
Измената на Одлуката за задолжителна резерва е со цел поголема кредитна поддршка и поповолни услови на компаниите кои се погодени, односно износот на новите или реструктурираните кредити одобрени на овие компании, ќе претставува одбитна стапка од обврската за држење на задолжителна резерва на банките кај Народната банка.
Донесена е и одлука за одложена примена на некои регулаторни барања од банките за да се овозможи посветеност на банките на давање кредитна поддршка на стопанството и на населението.
– Имаме подготвено и предлог Одлука за управување со кредитниот ризик чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Тековно се прават консултации со банките и очекуваме наскоро да биде донесена од Советот на Народната банка. Во текот на наредните денови ќе бидете подетално информирани за ова – најави Ангеловска-Бежоска.
Таа потсети на препораката на Народната банка, заради заштита на јавното здравје да се избегнува користење и на денарска и на девизна готовина, а да се користат платежни картички, електронско банкарство или други алтернативни начини на плаќање.
– Ве уверувам дека централната банка ќе го даде својот максимален придонес во рамки на координиран сет на политики со цел справување со предизвиците коишто ги носат актуелните случувања – порача гувернерката во завршницата на своето обраќање.