За време на претстојниот продолжен викенд, кога ќе биде на сила полициски час, активистите ќе можат два часа дневно, во услови на ограничено движење, да ги хранат и да се грижат за бездомните животни.
Оваа одлука беше донесена на денешниот Кризен штаб, а право на истата ќе имаат само граѓани кои се членови на регистирани здруженија.
– Секое регистрирано друштво за заштита на правата на животните, потребно е до 16 април, најдоцна до 12.00 часот, до град Скопје да достави пополнет образец, за најмногу пет членови од здружението – се наведува во соопштението.
За здруженијата регистрирани во другите градови образецот ќе треба да се поднесе до општинскиот кризен штаб, во истиот рок.
Сите пристигнати обрасци, град Скопје и општинските кризни штабови ќе ги доставуваат до Министерството за информатичко општество и администрација, од каде барањата за дозвола ќе бидат испроцесирани, и дозволите ќе бидат испратени на електронската пошта на секој барател посебно.
Дозволите ќе бидат со важност за 18, 19 и 20 април.
Постапката ќе се повторува за секој нареден викенд се додека трае вонредната состојба.