На австралискиот сајт „Смарт травел“ (Патувај паметно) Македонија е означена како земја со висок ризик за зараза од коронавирус и се препорачува да не се патува во неа.
Сепак, доколку некој реши да патува, има препораки што да се прави и како да се однесуваат австралиските граѓани.
Посочено е дека е потребен сертификат за вакцинација за посета на сите јавни места, или сертификат за прележаност.
– Можно е да се појават граѓански протести, кои можат да прераснат во насилство. Избегнувајте ги. Можно е да има терористички напад, дури и на оние места каде што има странски државјани. Можни се ситни кражби на аеродром или во поголемите градови. Внимавајте на вашите џебови и торби. Налето има многу пожари ширум целата земја. Во зима, пак, проблем се снегот и мразот. Загадувањето е голем проблем во земјата, па ако имате проблем со дишни патишта, советувајте се со вашиот лекар пред да патувате – се само дел од советите што се даваат на сајтот.
Во однос на ковид-препораките, посочено е дека границите се отворени за нивните граѓани, меѓутоа дека треба да внимаваат на границите на другите земји низ кои треба да пројдат за да влезат или излезат од Македонија.
– Задолжителен е карантин за сите што доаѓаат од Индија. Во трговските центри, рестораните, ноќните клубови, нема да можете да влезете доколку немате сертификат за вакцинација или сертификат за прележаност, не постар од 45 дена од после прележувањето на болеста. Мора да носите маска во јавниот транспорт и во сите затворени простории. Мерките многу брзо знаат да се сменат – се додава на австралискиот сајт.