Девет новозаразени од ковид-19 има денеска во Прилеп информираа од Министерството за здравство. Градоначалникот Илија Јованоски посочи дека четири лица се хоспитализирани во инфективното одделение на прилепската болница, од кои кај три е потврден вирусот, а четвртото лице е со симпотими на вирусот и се очекуваат резултатите. Здравствената состојба на пациентите во инфективно е стабилна и добра.
Сега вкупната бројка на заразени со ковид-19 во Прилеп изнесува 21.
Градоначалникот Јованоски, одговарајќи на новинарски прашања, посочи дека кај еден вработен во прилепска фирма било заразено негово дете, по што упатил фирмата да ги преземе сите мерки за заштита и да се обратат во Центарот за јавно здравје.
– Разговаравме со еден од менаџерите на фирмата од каде ни рекоа дека е точно дека на еден од вработените има заразено роднина и дека ќе ги преземат сите мерки за заштита и дека ќе вршат дезинфекција, при тоа напомнувајќи дека дополнително сопствениците на фирмата ќе известат кои мерки ќе ги преземат – рече Јовановски.
Градоначалникот Илија Јованоски денеска ги демантираше дезинформациите што излегоа во јавноста на социјалните мрежи за негов наводен контакт со било кој од вработените во ПЗУ Ортомедика, која е затворена, во последните петнаесетина дена, каде на еден член на медицинскиот персонал му е констатиран позитивен наод од коронавирусот.
– Веднаш после потврдувањето на случајот, согласно препораките на надлежните служби, амбулантата е привремено затворена, а останатите членови од медицинскиот персонал се наоѓаат во самоизолација. Како доктор и пред се’ како совесен и одговорен граѓанин, целосно сум свесен за опасноста по јавното здравје и здравјето на граѓаните на општина Прилеп, од непочитување на мерките и препораките за справување со коронавирусот, а во таа насока, како градоначалник иницирам и донесувам локални мерки за превенција од ковид-19. Во услови кога борбата со коронавирусот е наш врвен приоритет, тенденциозното ширење на дезинформации и лажни вести е чин на највисока неодговорност и е во правец на создавање паника и страв кај граѓаните – рече Јованоски.
При тоа тој апелира граѓаните да се информираат исклучиво од претставници на официјалните институции, да не се стигматизираат заразените со коронавирусот, како и сите оние кои се наоѓаат во самоизолација. Дека е потребно да им се даде поддршка во справувањето со оваа болест, затоа што тоа на секого може да му се случи. Ка.М.