Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска ги посети полициските службеници кои ги обезбедуваат лицата сместени во државниот карантин во центарот на Скопје. Карантинот во траење од 14 дена се воведува за сите македонски државјани кои се враќаат во нашата земја. Транспортот од граничниот премин до карантинот го врши овластен превозник одреден од страна на Генералниот секретаријат на Владата, а Министерството за внатрешни работи го придружува транспортот од граничниот премин до карантинскиот објект.
Од страна на полициските службеници министерот Чулев беше запознаен со протоколите по кои тие постапуваат со цел да осигурат непречено функционирање согласно препораките од Министерството за здравство и останатите надлежни здравствени установи. Полициските службеници се поставени на влез и на секој кат од хотелот, со цел гарантирање на безбедноста и одржување на редот во објектот.
Министерот апелираше до полициските службеници да бидат максимално претпазливи пред се водејќи сметка за своето здравје, но и целосно да бидат на располагање на граѓаните кои се сместени во карантин.
Во моментов припадниците на Министерството за внатрешни работи обезбедуваат седум објекти, а заклучно со денешниот ден во државен карантин се спроведени околу 250 лица, вратени од странски земји.