Капацитетите за лекување на коронавирус низ ковид-центрите и болниците се скоро и целосно исполнети. Министерот Венко Филипче, кажа дека лекувањето на пациентите трае подолго од претходните месеци, кога после 14 дена, тие се сметаа за излечени. Најголем дел од пациентите добивале влошена здравствена состојба од 12-от до 14-от ден од заразувањето со коронавирус.
– Сите дополнителни одделенија се скоро исполнети, има по неколку слободни места. Со системот на визити и испуштања се создаваат дополнителни места. Во функција е болницата во Козле која има кислород, има кадар и тука се хоспитализираат пациенти. Имаме една клиничка слика на болеста различна од претходната. Хоспитализацијата трае подолго, а за разлика од претходно кога по 14 дена пациентот во најголем број случаи се сметаше да излечен, сега има влошување и кај помладите пациенти во 12-от, 13-от, 14-от ден, со драстично влошување на белите дробови и крвта. Во однос на смртноста, тоа е така, висока е насекаде во регионот – кажа Филипче.
Според Филипче, состојбата би можела да се влоши за време на претстојните празници и затоа мерките се заоструваат.
– Се надевам дека пикот нема да има измени. Беше на 1 април, но сега се намалува. Огромен е бројот на хоспитализирани пациенти. Сметаме дека празниците кои доаѓаат можат да ја комплицираат ситуацијата, не сакаме да дозволиме во периодот кој доаѓа да се оптовари здравствениот систем, кој тешко може да го изменаџираме, а епидемиолошката слика да стивне. Има намалување на инциденцата во споредба со претходната кај голем дел од граѓаните. Има градови каде се уште е висока, а тоа се: Куманово, Кичево, Битола и Тетово, а тоа е ризик за целосниот здравствен систем – додаде Филипче.