Лицата кои 14 дена седеле во изолација поради сомнеж за коронавирус не е задолжително да се тестираат ако немаат симптоми. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека за ваквите лица се препорачува уште 14 дена да останат во домашна изолација.
– На Комисијата за заразни болести се дискутираше за ова. Имаме заеднички став дека нема потреба од тестирање доколку лицата немаат симптоми. Тие треба да останат во домашна самоизолација уште 14 дена – рече Филипче.
Ваквиот став на Комисијата за заразни болести министерот најави дека ќе се официјализира и ќе биде дистрибуиран до сите засегнати.
Според официјалните податоци на Центарот за управување со кризи, во самоизолација има 7.307 лица, со решенија за изолација се 618 лица, а под надзор се 390 лица.